X
 27.03.2025 Живот

Зошто пасошите на Шпанија и Грција се меѓу најмоќните во светот?

Најмоќните пасоши во светот обично се рангираат според бројот на дестинации што нивните носители можат да ги посетат без виза.

Овие листи не се важни само за туристите, туку се и показател за глобалните политички и економски услови. Тие ја рефлектираат состојбата на меѓународните односи и влијанието на фактори како што се војни, санкции и економски политики врз слободата на движење.

Во последните рангирања, на врвот на листата доминираат европските пасоши, заедно со тие на Сингапур и Јапонија, надминувајќи го американскиот пасош кој бележи пад на ранг-листите.

Шпанија и Грција – пасоши со најголема моќ

Според најновата анализа на глобалната инвестициска консултантска компанија „Астонс“, пасошите на Шпанија и Грција се меѓу најмоќните во светот. Тие овозможуваат безвизен пристап до поголем број земји.

Шпанскиот пасош – влез во 177 земји

Шпанија е во предност во Европа со пасош кој овозможува влез во 177 земји, од кои 133 без виза. Популарноста на овој пасош се должи и на таканаречената „златна виза“ - програма што од 2013 година им овозможува на странски државјани да стекнат живеалиште во Шпанија со вложување најмалку 500.000 евра во недвижности.

Кога живеалиштето е обезбедено, се отвора можност за стекнување шпанско државјанство, а со тоа и за добивање шпански пасош.

pasos
Фото: Freepik

Шпанија ја укинува програмата за златна виза

Сепак, под притисок од внатрешни и меѓународни фактори, Шпанија одлучи да ја укине златната виза, почнувајќи од 3 април. Според „Астонс“, укинувањето на оваа можност ќе ги насочи инвеститорите кон други европски држави што нудат слични програми, како што е Грција.

Грчкиот пасош - новата најбарана алтернатива

Следна на листата со најмоќни и најдостапни пасоши е Грција.

Заедно со Франција, Германија, Финска, Италија, Холандија, Белгија, Луксембург, Данска, Португалија, Швајцарија, Австрија, Норвешка и Ирска, грчкиот пасош обезбедува влез во 176 земји, или без виза или со можност за виза по пристигнувањето.

Грчката златна виза - живеалиште за само 60 дена


Со затворањето на шпанската програма, златната виза на Грција станува најпопуларната опција за инвестициски престој. И покрај противењето на Европската Унија кон ваквите програми, Грција и натаму нуди петгодишен престој за странци што инвестираат најмалку 250.000 евра во недвижности во „помалку барани“ области.

Во 2023 година минималниот износ беше зголемен на 800.000 евра за популарни локации како Атина и Санторини, а во други области е потребна инвестиција од 400.000 евра.

Грција нуди еден од најбрзите процеси за добивање златна виза, па барањето се обработува за само 60 дена. Покрај тоа, нема обврска за физички престој, пасошот овозможува патување без виза низ шенген-зоната, а по седум години живеење во земјата, постои можност за добивање грчко државјанство.

Португалија – уште една атрактивна опција

Португалија, исто така, нуди програма за златна виза преку инвестициски фондови, со минимално вложување од 500.000 евра. Сепак, времето на чекање за португалска резиденција надминува 18 месеци, додека во Грција процесот трае од 3 до 5 месеци.

За разлика од најмоќните пасоши во Европа, британскиот пасош овозможува влез во 172 земји, американскиот во 171, рускиот во 127, а кинескиот во само 96 земји.

Извор: Forbes.vijesti.me
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот