X
 04.03.2022 Живот

Матичните лекари повторно на протест, не прегледуваат пациенти и примаат само итни случаи

Да се укине казнената политика, хронично болните да не мора да одат на специјалист за редовната терапија и да се сменат одредени решенија, на пример, кога колега оди во пензија, се затвора амбулантата, а вработените остануваат без работа, се барањата кои ги пренесува Чолакова-Дервишова.

Матичните лекари денес повторно протестираат револтирани бидејќи сè уште не се формирани работните групи кои треба да најдат решение за нивните барања и проблеми.

- Не прегледуваме пациенти, протестираме на своите работни места. Веќе ги известивме пациентите дека денеска нема закажувања преку „Мој термин“ и дека ќе примаме само итни случаи - вели д-р Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари.

Решавање на проблемите преку работни групи составени од претставници од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Лекарската комора и матичните лекари, беше договорено со Министерството за здравство по првиот протест на матичните лекари пред две недели. Тогаш заменик-министерот Владимир Рендевски вети дека ќе направат сè што можат за да не се случува одлив на кадар од примарното здравство и затворање амбуланти, особено во руралните средини и помалите места.

Чолакова-Дервишова вели дека Управниот одбор на Здружението на приватни лекари уште викендот донело одлука повторно да излезат на протест, доколку не почнат работите да се менуваат.

- Она што може Фондот итно да го направи за да ни ја олесни работата нам, а и на пациентите, е да воведе електронски рецепт и електронски упат, за да не мора да ги печатиме на хартија, а пациентите да не мора да доаѓаат да ги подигнуваат. Бараме да почне јавна расправа за измените на Законот за здравствена заштита со кои пациентите кои сега се водат на име на лекарот, да се водат на приватната здравствена установа и во случај на пензионирање на матичен лекар, да не се случи пациентите да останат без доктор. Со сегашното решение доколку колега оди во пензија, тогаш се затвора амбулантата и останатите што се вработени таму, медицинска сестра или втор тим од лекар и медицинска сестра, остануваат без работа - вели Чолакова-Дервишова.

Таа објасни дека бараат да се укине казнената политика за матичните лекари, зголемување на буџетите за работа, бидејќи со поскапувањата, зголемувањето на минималната плата, се зголемуваат и нивните трошоци и дел од матичните лекари не може финансиски да издржат.

- Само во Велес три амбуланти се затворија, заминаа во пензија колешките. Во Прилеп оние лекари што се пред пензионирање, а имаат под кирија ординација во Здравствен дом, мораа да излезат оттаму, да најдат нова ординација за да може да продолжат да работат, со тоа што целата постапка за работа на амбулантата треба одново ја започнат. Во меѓувреме илјадници пациенти се без доктор - вели Чолакова-Дервишова.

Таа вели дека лекарите бараат да се сменат и правилата за лекување на хронично болни пациенти, со кои сега се обврзани за продолжување терапија да ги праќаат кај специјалист интернист.

- На некој што со години има висок притисок ние знаеме да му препорачаме лек, не мора да го праќаме на интернист. Или, пак, некој што со години прима терапија за астма исто така не мора да го праќаме двапати во годината на специјалист, за тој да напише дека ја препорачува истата терапија. И ние сме стручни да препорачаме терапија. Со тоа ќе се растовари од пациенти и секундарното здравство - вели Чолакова-Дервишова.

Матичните лекари одлучиле да протестираат само денес, а не до исполнување на нивните барања, како што имало предлози од дел од колегите.

- Одлучивме протестот да биде денес за да им дадеме можност на здравствените власти да ги формираат овие работни групи. Колку што сме информирани, веќе е почнато нивно формирање - вели Чолакова-Дервишова.
Подготвил: Елица Бочвароска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот