X
 04.06.2025 Живот

Најсреќните градови во светот за 2025 - кои балкански градови се најдоа на листата?

Дали еден град може да се нарече „среќен“? И што точно го прави таков?

Истражувачи од лондонскиот Институт за квалитет на животот се обидоа да одговорат на овие прашања преку анализа на неколку категории: од животната средина, урбанизмот и сообраќајот до управувањето со градот и економските услови.

На листата со 200 најсреќни градови за 2025 година се најдоа и пет од Балканот: Љубљана, Марибор, Пула, Подгорица и Софија.

Љубљана и Марибор

Љубљана, еден од најзелените европски главни градови, се пласира на 41. место. Градот се гордее со река, велосипедски патеки, архитектура и посветеност кон одржлив развој како првиот европски град што се залага да стане без отпад.

Марибор, вториот словенечки град на листата, се најде на 104. место. Според жителите, тоа е мирен град со прекрасна природа, ниска невработеност и добар квалитет на живот. Особено се издвојува планината Похорје, омилено место за одмор.

Подгорица - изненадување од Црна Гора


Иако на 191. место, главниот град на Црна Гора сепак се најде на листата. Жителите признаваат дека урбанистички има предизвици, но градот е мирен, опуштен и лесно прооден. Градските власти добија позитивни оцени за управувањето.

Пула – хрватскиот бисер на последното место

Пулската арена од првиот век, римското наследство и филмскиот фестивал ја прават Пула препознатлива. Иако е на 200. место, градот гордо го носи статусот на единствен хрватски претставник меѓу најсреќните градови во светот.

Кои се најсреќните градови во светот?


Првото место го зазеде Копенхаген благодарение на културниот живот, одличната велосипедска инфраструктура и чувството на заедништво. На второ место е Цирих. Чист, безбеден и одлично организиран. На трето место е Сингапур, кој се истакнува со здравствени услуги и ефикасна администрација.

Извор: ВВС
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот