Благосостојбата на една земја често се поврзува со образованието на нејзината работоспособна популација.
Високообразованата работна сила обично има повисока продуктивност, поголем капацитет за иновации и посилен придонес кон економскиот раст.
Овој графикон ги прикажува земјите со најобразовани популации, мерено според бројот и уделот на возрасни лица (25-64 години) кои имаат факултетска диплома или повисоко образование. Податоците се од „Си-би-ар-и рисрч“, според најновите достапни бројки за 2023 година.
Кои земји имаат најобразовано население?
На глобално ниво, земјите се наоѓаат на различни нивоа во проширувањето на пристапот до високо образование. Додека развиените држави веќе постигнале високи стапки на образованост, економиите во развој сè уште се обидуваат да ги достигнат.
Во продолжение е преглед на земјите со најобразовано население, според апсолутниот број и според уделот во популацијата.

Фото: Visual Capitalist
Земјите од Западот имаат највисоки стапки на образование, при што Европа опфаќа шест од првите десет земји според уделот на високообразовани возрасни лица.
На врвот на листата е Ирска, каде што повеќе од половина (52 отсто) од населението на возраст од 25 до 64 години има универзитетска диплома или повисоко образование. Веднаш зад неа се Швајцарија и Сингапур, со 46 и 45 отсто.
Во исто време, САД се истакнуваат со висок удел на образовано население (40 отсто) и се трети по апсолутен број на високообразовани луѓе, што е над 78 милиони.
Индија и Кина, двете најнаселени земји во светот, имаат најнизок процент на образовано население, покажуваат овие податоци. Сепак, поради големината на нивната популација, тие имаат најголем број лица со високо образование во споредба со сите други земји.
Други економии во развој од Јужна Америка, како Чиле, Костарика, Бразил и Колумбија, имаат стапки на образованост меѓу 19 и 23 отсто.
Со оглед на силната позитивна корелација помеѓу нивото на образование и БДП по глава на жител, зголемувањето на пристапот до високо образование останува приоритет за земјите во развој, каде што голем дел од работната сила е без соодветно образование.
Извор:
Visual Capitalist
Фото: Visual Capitalist