X
 04.11.2025 Живот

Комарци се населија на Исланд, ќе ја преживеат ли зимата?

Првите комарци на Исланд се подготвени да се соочат со студен тест. Зимата доаѓа и не е сигурно дали овие новодојденци ќе можат да останат таму до пролетта.

Нордискиот остров, претходно едно од последните места на Земјата без комарци, годинава бил домаќин на барем неколку комарци од родот „Culiseta annulata“, објави Природонаучниот институт на Исланд, на 21 октомври. Во средината на октомври Бјорн Хјалтасон уловил две женски и еден машки комарец, користејќи лента натопена во црвено вино додека бил на фарма северно од главниот град Рејкјавик. Лентата обично привлекува молци, но исто така ги намамила и комарците, што е првпат потврдено во Исланд.

Сега, само Антарктикот е без комарци. Но, постои мала утеха: „C. Annulata“ е повеќе штетник отколку опасност. Комарците не пренесуваат човечки патогени.

Не е познат ниту бројот на претставници на овој вид што летаат околу Исланд ниту како стигнале до островската земја. Но, човечкиот транспорт е веројатниот пат, според институтот. Авионите претходно донеле комарци во земјата, иако ниту еден не предизвикал нова популација. Фактот дека Хјалтасон пронашол женки и мажјак сугерира дека инсектите можеле да се размножуваат.

- Луѓето патуваат до Исланд илјадници години без никакви документирани извештаи за комарци. Инсектите се речиси глобални, но фактот дека тие не дошле на Исланд претходно, а сега доаѓаат, ме наведува да мислам дека е од климата - вели ентомологот Џесика Веар од Американскиот музеј за природна историја во Њујорк.

Распространетоста на комарци се шири низ целиот свет, иако степенот до кој тоа ширење е поврзано со климатските промени е нејасен. Арктичкиот Регион се затоплува приближно четири пати побрзо од глобалниот просек, а Исланд се соочи со рекордна топлина оваа година. Дали инсектите-натрапници ќе ја преживеат исландската зима, сè уште е отворено прашање.

Зимите на Исланд можат да бидат сурови - иако релативно благи со оглед на тоа колку е далеку на север островот - со температури што се движат околу нулата и многу ветер и снег. Но, возрасните единки „C. Annulata“ веројатно можат да преживеат во исландски услови, според Природнонаучниот институт. Овие инсекти се широко распространети низ цела Европа, вклучувајќи ги Шведска и Финска. Тие го чекаат зимскиот студ како возрасни, наоѓајќи засолниште во пештери, подруми или помошни згради како што се амбари и шупи.
Една можна пречка за инвазијата на комарци на Исланд може да биде тоа што островот се замрзнува и одмрзнува повеќе пати годишно. Тоа може да ги загрози возрасните комарци што излегуваат од нивните зимски скривалишта, или да им се закани на другите видови што презимуваат како јајца или ларви.

- Некои видови комарци се чувствителни на тие температурни флуктуации. Но, ако преживеат во зима и ако имаат извор на храна, инсектите можат да опстојат - вели Келси Либергер, еколог од Државниот универзитет „Аризона“.

Извор: sciencenews.org

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот