X
 16.06.2025 Живот

Неверојатна приказна: Во 1965 година шест момчиња 15 месеци живееле на пуст остров

Кога Сионе, Стивен, Коло, Дејвид, Луке и Мано биле спасени од оддалечениот тонгански остров Ата, тие веќе имале изградено заедница која многу се разликувала од онаа во романот „Господарот на мувите“ од Вилијам Голдинг. Тие создале постојан оган што не згаснувал. Собирале дождовница во издлабени дрвени стебла. Направиле гитара од парче морско дрво, половина кокос и шест челични жици. Ловеле диви кокошки и одгледувале градина. Секој ден си пееле еден на друг, се молеле заедно, 15 месеци, сè додека во 1966 година случајно не ги забележал австралиски морски капетан кој минувал покрај островот.

Пред да станат бродоломци, момчињата биле ученици во католичкиот интернат „Свети Андреј“ во Нукуалофа, главниот град на Тонга. Бидејќи им било прилично досадно, смислиле план: да отпловат до Фиџи или Нов Зеланд, оддалечени стотици километри од нивниот мал остров.

Започнале подготовки, но тие биле оскудни. Понеле само две вреќи банани, неколку кокоси и горилник на плин. Бидејќи немале свој брод, одлучиле да го „позајмат“ оној на рибарот Таниела Ухила, кого не го симпатизирале. Вечерта отпловиле по мирните води. Подоцна истата ноќ невремето ги раскинало сидрото, едрата и кормилото.

- Лутавме осум дена, без храна и без вода - изјавил Мано за холандскиот писател Рутгер Брегман, кој подоцна ја објавил нивната приказна.

На крајот пристигнале на пустиот и ненаселен остров Ата, околу 160 километри оддалечен од Нукуалофа. Но, желбата за преживување била посилна од сѐ, па момчињата покажале исклучителна трпеливост, соработка и издржливост. Кога немале доволно вода, пиеле крв од морски птици. Ако се појавела расправија, ја решавале брзо или си давале време да се смират. Еден ден, кога Стивен се лизнал и ја скршил ногата, другите му ја наместиле со прачки и лисја, и тој, за чудо, оздравел.

 

- Не бевме среќни таму. Кога си на место што не го познаваш, далеку од семејството, не можеш да бидеш среќен - раскажал Мано во интервју за „Гардијан“ во 2020 година.

Поминале 15 месеци. Во Тонга, во меѓувреме, им биле одржани погреби. Но, на 11 септември 1966 година судбината се променила. Морскиот капетан Питер Ворнер, минувајќи покрај островот, забележал изгорена трева на карпите.

- Во тропски предели огнови ретко избувнуваат спонтано - објаснил Ворнер.

Се приближил до брегот и тогаш видел момче, голо и со долга коса, како плива кон бродот. Наскоро се појавиле и другите пет, врескајќи од радост. Преку радиоуред, Ворнер се јавил во Нукуалофа и соопштил дека нашол шест момчиња. Дваесет минути подоцна, од другата страна стигнал одговор низ солзи: - Ги најдовте! Тие беа прогласени за мртви. Им одржавме погреби. Ако се тие, ова е вистинско чудо!

По враќањето во Тонга, момчињата биле уапсени бидејќи Ухила, чиј брод го зеле, поднел пријава. Но, Ворнер имал план. Ги продал австралиските права за нивната приказна и со тие пари му купил нов брод на Ухила, со што го обезбедил ослободувањето на момчињата. Потоа ги вработил како екипаж на неговиот нов рибарски брод, овозможувајќи им да го видат светот надвор од Тонга, што и била нивната првична цел кога заминале.

Иако нивната приказна звучела како авантура од роман, овие бродоломци, преку својата неверојатна заедничка сила, докажале дека „Господарот на мувите“ не мора да биде верна слика за природата на човекот.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот