X
 05.04.2021 Здравје

По објава на „Фејсбук“ за најден глушец: Повлечен спорниот замрзнат зеленчуков микс по наредба на АХВ

Поради сомнеж за физичка контаминација (присуство на туѓо тело – глушец) во замрзнат зеленчуков микс „Сани фантази - царски микс“ по потекло од Република Србија, увезен од КАМ ДООЕЛ, Агенцијата за храна и ветеринарство - АХВ издаде забрана за промет на овој производ и нареди негово повлекување од рафтовите на маркетите на КАМ на цела територија на државава, информираат од АХВ. Издадена му е наредба на операторот со храна да изврши сопствена проверка на секоја серија/лот од овој производ, во сите маркети каде што е пласиран овој производ, на територијата на цела држава.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николе Бабовски, потенцира дека АХВ ќе изврши вонредни инспекциски надзори и ќе провери дали пласираните количини од овој производ се повлечени од малопродажната мрежа. Извршени ќе бидат и органолептички прегледи на одредени примероци, од секоја серија/лот на овој производ. Примероци за контрола на микробиолошките критериуми за безбедност на производот ќе бидат испратени за лабораториско испитување.


Николе Бабовски

- Агенцијата за храна и ветеринарство ги известува потрошувачите доколку купиле ваков производ, пред консумација внимателно да го отворат и да го прегледаат и доколку утврдат присуство на туѓи тела, истиот производ да го вратат на местото на купување и за тоа да  ја известат АХВ - велат оттаму.

За случајот, кој беше објавен викендов на социјалните мрежи, до Агенцијата не била поднесена претставка.
- Како одговорна институција за безбедноста на храната, апелираме ваквите случаи место на социјалните мрежи, да се пријавуваат кај надлежните институции. Ги потсетуваме граѓаните дека секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната можат да ја пријават до Агенцијата за храна и ветеринарство, лично, писмено, електронски на info@fva.gov.mk и на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 080032222 – велат од АХВ.

Насловна фотографија: Фрипик  

Издвојуваме

Здравје