X
 05.07.2023 Живот

Дарко Неданоски во мисија да собори два рекорда во еден ден

На 11 јули, професионалниот нуркач, спелеолог и алпинист Дарко Неданоски ќе се обиде да собори два рекорда за помалку од 24 часа. Целата експедиција, под наслов „1 метар“, ќе биде и фокус на документарен филм кој ќе биде првиот македонски филм од ваков вид.



Дарко ќе ја започне експедицијата со нуркање 40 метри во езерото Матка, по што следува спуштање уште над 40 метри во пештерата Крштална, чија длабочина ќе зависи од нивото на водата. Тој очекува да се спушти на длабочина од околу 84 метри и со тоа да го собори досегашниот рекорд за 1 метар.



По нуркањето тој веднаш ќе се упати кон алпинистичкиот локалитет Марков Ѕид или Стогови во близина на Прилеп, каде што ќе се искачи на највисокиот вертикален ѕид во Македонија по маршрута која досега не била искачена. Патеката, чие искачување ќе трае околу три часа, е за 1 метар подолга од сите патеки на вертикални карпи во Македонија.

Во рамките на експедицијата Дарко ќе биде следен од сниматели од компанијата за видеопродукција „Бабот медиа“, кои посетуваат тренинзи за професионално нуркање и алпинизам за да го придружуваат Дарко во официјалното соборување на двата рекорда.



 - Филмот ќе покаже недопрени предели, а ќе се види и начинот на кој Дарко и целиот тим се соочуваат со екстремни предизвици и несекојдневно тестирање на сопственото тело и мозок во границите на издржливоста на предизвикот - открива Бојан Секуловски од „Бабот медиа“ за „Факултети.мк“.

Насловна фотографија: Instagram
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот