X
 05.08.2020 Здравје

Добри вести за контролата на пандемијата од Италија и од Шведска

Сите претпоставуваа дека земјите ќе имаат предизвици кога ќе започнат да ги намалуваат ограничувањата за движење што се воведуваа за да се спречи ширењето на коронавирусот. Но бројот на новозаразени лица расте во многу земји, од Шпанија до Австралија. Сепак, две земји што беа едни од најпогодените на почетокот сега имаат контрола врз ширењето на вирусот. Тоа се Италија и Шведска.

Во двете земји бројот на нови случаи се движи околу 200 дневно, што е многу помалку од она што можеше да се забележи пред неколку месеци. За споредба, бројот на нови случаи во Шпанија поминува и 2.000 дневно, додека во Франција тој се движи околу 1.000.


Фото: Стокхолм/Freepik

Италија и Шведска порано беа главна тема на медиумите поради негативни причини. Италија беше првата погодена земја и првата во која се воведоа дотогаш невидени правила за ограничено движење. Шведска имаше полиберален, но и поконтроверзен пристап. Училиштата во Шведска не беа затворени, а властите само препорачуваа социјално дистанцирање и изолација, но не ги принудуваа жителите да седат во карантин. Додека карантините на Италија спасија животи, тие воопшто не беа воведени во Шведска.

По глава на жител, бројот на починати во Италија и во Шведска изнесува околу 600 на 1 милион луѓе. Сепак, се чини дека и двете земји научиле како да живеат со вирусот.

Во Италија сега се бара физичко дистанцирање и носење маски за лице на јавни места и во јавниот превоз, но овие правила не се применуваат строго. На оние што користат воз или влегуваат во канцелариски згради им се проверува телесната температура, а одењето во ресторан сега значи и оставање детали за контакт во случај на потенцијално заразување со коронавирусот.


Фото: Венеција/Freepik

Според Росана Тариконе, професор на Универзитетот „Бокони“, луѓето се подготвени да ги следат правилата. Фотографиите од полните болници во земјата пред неколку месеци можеби ги мотивираат.

Шведска практикува сосема поинаков пристап од Италија. Земјата беше критикувана на почетокот, а бројот на смртни случаи во старските домови беше висок, како и бројот на новозаразени во јуни. Но, земјата остана на својот план.

Во Шведска не е задолжително да се носи маска, физичкото дистанцирање се препорачува, но не се присилува, а луѓето се советуваат да останат дома доколку не се чувствуваат добро. Сепак, нивото на колективен имунитет е ниско, како што покажуваат тестовите за антитела.


Фото: Freepik

Она што навистина направило разлика е промената во однесувањето. Бројот на луѓе што користат јавен превоз не е толку голем како порано, а биле воведени и правила, на пр., забрането посетување на старските домови и затворање на рестораните што не ги следеле правилата.

Овој модел не може да се примени во многу други земји. Швеѓаните најчесто се млади, а земјата не е густо населена. Многу голем дел од жителите веќе живеат во релативно изолирани места и имаат релативно изолирани животи со работа од дома.

Клучот во релативната успешност во контролата на ситуацијата во Шведска можеби е во постојаноста. Додека Италија покажа дека е потребна брза реакција, Шведска е потсетник дека пандемијата повеќе личи на маратон отколку на спринт.

Автор: Лајонел Лоран
Извор: bloomberg.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје