X
 05.11.2022 Наша тема

Миа Николоска уште студира, а веќе има претстава по нејзин текст на репертоарот на Драмски - „Така зборуваше Гертруда“

Миа Николоска има 21 година и студира на Одделот за драматургија, драмско пишување и сценаристика на ФДУ Скопје. По нејзин текст е изработена претстава во Драмски и моментално е дел од репертоарот

Миа Николоска студира на Одделот за драматургија, драмско пишување и сценаристика на ФДУ Скопје. Пишува драмски текстови и етиди и досега нејзините текстови имаат освоено светски награди и признанија. Со нејзиниот драмски текст „Уметник во гладување“ стана најмладиот добитник во пет најдобри драмски текста во светот на фестивал во Јужна Кореја.


Миа Николоска

Исто така, таа е авторка на претставата „Така зборуваше Гертруда“, претстава која ја отвори есенската сезона на Драмскиот театар.
Претставата зборува за правдата, корумпираноста и претставува крик за еднаквоста. За Николоска, ова е прва премиера во професионален театар.

- „Така зборуваше Гертруда“ е приказна за една свиња која во одмазда на луѓето што ги јадат нејзините деца убива човечко бебе. Потоа таа е дадена на суд каде што низ ред рочишта ја следиме (не)правдата низ која таа и сите оние вмешани во случајот поминуваат - ни сподели Миа.



Какво беше чувството сопствениот текст да се гледа во интерпретација на нашите одлични актери?


- Голема чест е да го слушаш она што си го напишал во сопствените четири ѕида како се изговара на сцена. Екипата на прекрасен начин му даде живот на текстот.



Студентка сте на драматургија... Како се наметна изборот на овој факултет, кога сфативте дека сте наклонети кон создавање драмски текстови?

- Уште како дете пишував секакви литературни творби, од поезија до проза, дури и некои драмски обиди. Од моја 11. година одев во драмското студио „Од игра до претстава“, првично бев наклонета кон актерска игра, но моите тамошни наставници ме насочија кон пишување. Изборот секогаш беше јасен- пишување.


Миа Николоска

Вашиот драмски текст „Уметник во гладување“ влезе меѓу најдобрите пет во светот... За каков текст станува збор и кои се неговите најсилни адути што сметате дека го издвоија меѓу најдобрите?

- „Уметник во гладување“ е адаптација на истоимениот расказ на Франц Кафка. Се работи за перформанс - артист кој гладува во кафез и тоа е неговиот начин на живеење на уметност. Во разговорот со актерите што го читаа текстот тие се изјаснија дека досега не можеле точно да ги разберат делата на Кафка, но дека со овој мој текст идејата и фабулата биле комплетно јасни.



Какви размисли, прашања, промени сакате да иницирате со Вашите текстови?

- Инспирација наоѓам секаде и во сѐ. Не сакам да давам никакви насочувања за перцепција на моите текстови, мислам дека убавината во ова што го работам е што секој може на свој начин да го чита текстот и од него да го извади она што го допира. Во моментов работам на моето дипломско дело, сѐ уште е прерано да откријам за што станува збор.




 
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема