Кон крајот на 2023 година „Нетфликс“ го објави својот прв сеопфатен сет на статистика за сопствената гледаност, откривајќи дека „Ноќниот агент“, „Венсдеј“ и „Кралицата Шарлот“ се меѓу најгледаните хитови на оваа стриминг-платформа.
Ова ѝ обезбеди на телевизиската индустрија увид во тоа кои серии се покажаа во најдобро светло. Во минатото оваа стриминг-платформа беше критикувана дека е премногу таинствена, честопати криејќи од луѓето кои серии се најгледани.
- Веруваме дека информациите за гледаноста од овој извештај ќе им овозможат на креаторите подобар увид за нашата публика и што ѝ се допаѓа - соопшти компанијата кога ги објави податоците. Сепак, извештајот не одговори на неколку клучни прашања.
„Нетфликс“ ја рангира статистиката за гледаност врз основа на вкупниот број часови што публиката ги поминала гледајќи некоја содржина, а на врвот се најде трилерот „Ноќен агент“ со 812 милиони часа гледаност. Тоа е прилично разумен начин на мерење, но фаворизира одредени серии и доаѓа со неколку предупредувања.
Фото: Screenshot/YouTube
Каде се „Почудни нешта“ и „Круната“?
Првото нешто што паѓа в очи кога станува збор за објавените бројки е тоа што го опфаќаат само периодот од јануари до јуни 2023 година. Тоа делумно објаснува зошто некои од сериите што повеќето луѓе ги поврзуваат со „Нетфликс“, како „Круната“ и „Почудни нешта“, не се во топ-50. Никоја од овие серии не објави нови епизоди во тој период. Наместо тоа, сериите објавени во тие шест месеци влегоа во топ-20, како што се „Ти“, „Џини и Џорџија“, „Говедско месо“ и „Љубовта е слепа“.
Ова се 10. најгледани серии од јануари до јуни 2023 година:
1. „Ноќниот агент“, 1 сезона - 812 милиони часа
2. „Џини и Џорџија“, 2 сезона - 665 милиони часа
3. „Славата“, 1 сезона - 622 милиони часа
4. „Венсдеј“, 1 сезона - 507 милиони часа
5. „Кралицата Шарлот: Историјата на Бриџертон“ - 503 милиони часа
6. „Ти“, 4 сезона - 440 милиони часа
7. „Ла Реина дел Сур“, 3 сезона - 429 милиони часа
8. „Аутер Бенкс“, 3 сезона - 402 милиони часа
9. „Џини и Џорџија“, 1 сезона - 302 милиони часа
10. „Фубар“, 1 сезона - 266 милиони часа
Но, уште една причина зошто некои од најпознатите серии на оваа стриминг-платформа не се рангирани подобро е тоа што „Нетфликс“ ги подели по сезони. На пример, најгледаната сезона на „Круната“ во првата половина од оваа година беше петтата сезона, со 76 милиони часа гледаност, што ја прави 153. најгледана сезона. Но, ако се додадат нејзините четири сезони, тој број ќе скокне на вкупно 214 милиони часа гледаност, со што би скокнала повисоко на листата. Слично на тоа, кумулативниот збир од 347 милиони часа гледаност на „Почудни нешта“ би ја рангирал серијата подобро во целина.
Некои серии што се претставија добро се помалку познати во Велика Британија, „Ла Реина дел Сур“ на шпански и „Слава“ на јужнокорејски, кои собраа многу часови гледаност од целиот свет.
Што со филмовите?
Во целата оваа дискусија за ТВ-сериите веќе можевте да сфатите дека филмовите се во прилично инфериорна положба во однос на гледаноста. Серија со повеќе епизоди има очигледна предност во однос на индивидуален филм.
Како резултат на тоа, најдобро оценетиот филм на листата, „Мајка“, со Џенифер Лопез во главната улога, успеа да стигне само на 14. место со речиси 250 милиони часа гледаност. Ова е одлична оцена за филм, но неговото времетраење од два часа не може да се натпреварува во истата категорија како „Ноќниот агент“, кој трае повеќе од 8 часа.
Фактот дека времетраењето на филмовите и сериите толку се разликува ја прави одлуката на стриминг-платформата да ја мери гледаноста по часови покомплицирана - затоа што не ни кажува колку луѓе всушност ја гледале серија.
Фото: Screenshot/YouTube
На пример, вториот најгледан филм во првата половина од годината беше „Лутер“ со Идрис Елба во главната улога, со повеќе од 209 милиони часа гледаност. Бидејќи филмот трае повеќе од два часа, теоретски би можеле да ја преполовите оваа бројка за да добиете груба процена на бројот на домаќинства што кликнале на филмот - околу 100 милиони.
Но, и оваа бројка треба да се земе со резерва бидејќи оваа пресметка функционира само ако претпоставиме дека секој го изгледал филмот докрај. Исто така, на другиот крај од скалата се луѓе на кои толку многу им се допаднал филмот, што го гледале двапати.
Затоа, невозможно е со сигурност да се пресмета точната публика.
Овие бројки се фасцинантни и ни даваат добар увид во тоа кои ТВ-серии и филмови најмногу ја ангажирале публиката. Но, без дополнителни пресеци, на пример, целосната стапка на гледање, тие откриваат само дел од севкупната слика.
Целосниот извештај на „Нетфликс“ можете да го погледнете
ТУКА.
Извор:
ВВС
Фото: Screenshot/YouTube