X
 06.03.2022 Наша тема

Зошто се бара прошка, кој од кого треба да ја побара?

„Прочка“ доаѓа од старомакедонскиот словенски збор „проштение“ - простување или од „проштати“ - проштева


Помладиот бара прошка од постариот. Синот приоѓа кај таткото, братот кај брата си, ќерка кај мајка си, снаа кај свекрва, сестра кај сестра си. И секој секому му вели: „Прости ми“, а тој одговара: „Простено да ти е од мене и од Бога.“ Така прави секој кон секого, и машко и женско, помладиот кон постариот, но и постариот кон помладиот.
Вака теологот Ратомир Грозданоски, професор на Теолошкиот факултет во Скопје, на својата веб-страница ја објаснува македонската традиција за Прочка. Вели дека таа е богата и разновидна.

Проштевањето, посочува тој, е духовно миење.

- Тоа е очистување на душата, односно очистување на две души одеднаш. Се ослободува и оној што пришол кон другиот и оној што простил. Првиот, за да му пријде нему, веќе му простил и му приоѓа со љубов и покајание, а тој се топи од силата и топлината на љубовта и му ја дава сета своја љубов и прошка - додава тој.
„Прочка“ доаѓа од старомакедонскиот словенски збор „проштение“ - простување или од „проштати“ - проштева.
Прочка е духовната метла со која ја метеме нашата душа од гревовите.

Проштевањето е резултат на љубов

Според теологот, Прочка се паѓа секогаш е во недела.
- Денот не го менува, но датумот го менува. Тоа е празник со непостојан датум – подвижен празник, но поврзан со Велигден. Кога ќе се празнува Прочка, зависи од тоа кога се празнува Велигден. И Велигден и Прочка се секогаш во недела. Седмата недела по Прочка е Велигден - вели тој.
Прочка е претпочеток на велигденскиот пост. Проштевањето е духовен пост кој треба да му претходи на телесниот пост. Духовниот треба да биде пред телесниот, како што е душата пред телото.
Постењето треба да започне со проштевањето и со покајанието. Откако ќе прости, човекот ќе има кротост, трпение, смирение и човекољубие низ добродетелноста на постот и молитвата.

Според него, целта и смислата на празникот е да го истакне проштевањето како дело на љубовта, а љубовта е основа на христијанското живеење.

- Проштевањето е резултат на љубовта. Тоа е израз на љубовта, а љубовта „сè извинува“. Кој проштева, тој љуби, а кој љуби, тој е од Бога и Бог е во него, бидејќи „Бог е љубов“ -заклучува Грозданоски.

Традиција со амкање јајца


Теологот Грозданоски вели дека овој празник се обележува секаде меѓу македонскиот народ, а сите тие обичаи се за семејна радост.

- За Прочка се прави заедничка вечера во семејството на која се запокладува со сирење и јајца. Вечерата завршува со амкање јајца за децата. Вистинската смисла на сето тоа е дека пред постот, на последното јадење, запостуваме и ја затвораме устата со бело јајце и потоа, на Велигден, ја отвораме и ја замрсуваме со црвено јајце. Мрсењето завршува во Белата недела, со бело јајце и пак започнува со јајце, но црвено велигденско, на Велигден -објаснува теологот.

Другите забави по повод Прочка, кои претставуваат јавен настап и посебни, како претстави (маски и карневали), според теологот, немаат црковна или верска порака.

- Тие содржат повеќе хумор и смеа кои се овосветски и земни, материјални димензии на човечкото празнување или испразнување. Го празнат човечкиот дух, а не го полнат. Тоа се пагански остатоци од претхристијанското време, со некои нови примеси за забава. Убаво е и тоа и добра е таа традиција, ама не таква каква што е, туку да претставува парада и промоција на нашата кутура, музика, уметност и вера. Таа да биде јавен настап на улиците и плоштадите, со претставување на делата полни со мотиви од нашата вера и култура. Да се види тој израз во нашата преубава македонска носија, во уметничките ракотворби, во постигнатите дела, во преубавата песна и во нашето оро со народната инструменталност -вели тој.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема