X
 06.06.2022 Живот

Москва ќе дозволи извоз на жито од пристаништето Одеса

Руската Влада планира да им дозволи на бродовите што превезуваат жито да го напуштат пристаништето Одеса, во Украина, со што ќе ја ублажи блокадата која предизвика страв од недостиг на храна и глад.

Руските власти се договориле со Киев и Анкара за шема за ослободување пратки со жито од Одеса, која беше под блокада, објавил провладиниот весник „Известија“ цитирајќи владини кругови.

- Во територијалните води на соседната земја, турските воени сили ќе го преземат деминирањето и тие исто така ќе ги придружуваат бродовите до неутрални води - се вели во денешниот извештај.

Руските воени бродови потоа ќе ги придружуваат бродовите што пренесуваат жито до Босфорот.

Овој чекор доаѓа откако цените на храната постојано се зголемуваат по војната на Русија против Украина, што доведе до огромни турбуленции на светските пазари. Украина е еден од најголемите светски извозници на жито, а падот на нејзините испораки по руската инвазија тешко ги погоди африканските земји.

Рускиот претседател Владимир Путин неодамна го прими претседателот на Африканската унија и Сенегал, Меки Сал, со кого разговараа за ова прашање, потсетува ДПА.

Додека Путин негираше дека Русија е одговорна за високите цени, тој рече дека е подготвен да ја олесни испораката на жито.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се очекува в среда во Анкара на разговори за ова прашање. По разговорите, шемата за ослободување жито од Одеса треба да биде официјално одобрена, пишува весникот.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот