X
 06.06.2025 Наша тема

Дејан Новковски е член на австралиската експедиција на Антарктикот и работи на -20 Целзиусови степени при ветер од 50 км на час

Тој е ангажиран за одржување на телекомуникациските и информатички системи во базата, меѓутоа, негова улога е и поддршка на неколку научни сегменти во текот на зимата бидејќи тогаш нема научници што престојуваат во базата

Дејан Новковски е дел од експедицијата Мосон на Антарктикот и работи на поддршка и одржување на телекомуникациските системи кои се во функција на целокупното присуство во базата, како на научници така и на други членови што работат во своите домени.

- Мојата улога во експедицијата е одговорно лице за информатички технологии и сателитски комуникации, како и одржување на земните радиокомуникации околу базата - ни сподели Дејан, кој веќе неколку месеци работи и живее на антарктичкиот континент.



Австралиската експедиција на Антарктикот датира од далечната 1947 година со присуство на островот Херд (Heard island) за да ја формира и првата база во 1954 година, Мосон (Mawson Station), чие име го добива по предводникот на експедицијата, сер Даглас Мосон (Sir Douglas Mawson). Интересот за работа на Анарктикот датира од пред 20 години. Процесот на регрутација на членови на експедицијата трае една година и е отворен за австралиски државјани. Истражувањата се во доменот на животната средина, климатските промени, животинскиот свет, дебелина на мразот во океанот, температурни промени, деклинација на Земјиното магнетно поле и негово мерење, радионуклеоидните тестирања за присуство на нуклеарни честички во случај на нуклеарни тестирања или користење атомско оружје, статистика за колонии на пингвини, космичко зрачење и др.

Ангажманот како член на експедиција може да биде летен или зимски


Ова не е првпат Македонец да стапне на Антарктикот. Според нашиот соговорник, прв е доктор Јовица Угриновски, со поминати два месеца во бугарската база. Потоа Илина Арсова, на искачување на највисокиот врв Винсон на континентот, трет е Дејан Новковски со најдолг престој на антарктичкиот континент, а потоа е кинематографот Фејми Даут. Освен Мосон, австралиската програма на Антарктикот ја сочинуваат уште две други бази, Дејвис и Кејси.



- Ангажманот како член на експедиција може да биде летен или зимски, Летниот е пократок и може да трае до 6 месеци. Јас сум ангажиран за зимскиот период и тоа може да трае до 15 месеци. Патувањето кон базата Мосон започна на 10 декември 2024. Мојот престој овде ќе биде до февруари 2026 година иако тоа може да се промени во зависност од логистичкото планирање од страна на програмата. Имав можност да ги посетам и другите две австралиски бази во текот на патувањето до мојата конечна дестинација, Кејси и Дејвис, и сите се разликуваат помеѓу себе. Од аспект на инфраструктура се исти, меѓутоа, конфигурацијата на теренот многу се разликува. Кејси и Дејвис ги опкружува релативно рамничарски терен, плато на глечери, за разлика од базата Мосон која е опкружена со неколку планини со карпеста геологија. Сликата кон океанот постојано се менува, нови ледени острови се отцепуваат од глечерите и завршуваат во океанот - ни споделува Дејан.



Тој е ангажиран за одржување на телекомуникациските и информатички системи во базата, меѓутоа, неговата улога е и поддршка на неколку научни сегменти во текот на зимата бидејќи тогаш нема научници што престојуваат во базата.

- Таа поддршка се состои од администрирање на радионуклеидно тестирање, опсервации на магнетното поле, мерење на дебелината на мразот во океанот, администрирање на фотокамери кои се поставени во колониите на пингвини, мерење на приливот и одливот во зима. Набљудување на промените на магнетното поле се прави еднаш во неделата и би рекол дека тој дел е доста интересен бидејќи може да се забележат промени од аспект на тоа колку е активно полето - ни појаснува Новковски.


Дебелината на мразот во зима се движи од 1 до 2 метри

Го прашавме која е дебелината на мразот во океанот...
- Базата е поставена на раб од глечер кој незабележително се менува. Мерењето на дебелината на мразот не се изведува на копното, туку се мери дебелината на мразот во водата кога ќе се оформи. Мерењата се вршат со сензори кои се поставуваат со дупчење на мразот и тие постојано ја мерат неговата промена, дебелина. Истовремено се мери и температурата на воздухот со поставување сонди. Дебелината на мразот од минати статистики во зима се движи од 1 до 2 метри - ни одговори Дејан.

Меѓу неговите обврски е и мерењето на популацијата на пингвини преку фотографии. Мерењето на популација на пингвини го изведуваат научници кои се присутни во базата во текот на летото, од октомври до јануари.
- Во текот на зимата моја задача е да ги посетам овие колонии заради проверка на камерите кои континуирано фотографираат, да се заменат картичките и да се провери нивната исправност. Оваа активност започнува по оформувањето на таканаречениот брз мраз во водата, по кој може да се движиме и да ги посетиме овие колонии. Најдалечната колонија е 150 километри оддалечена од базата. Движењето се одвива со специјализирани возила слични на ратрак - објаснува Дејан.



Телото е изложено на голем стрес

Ни сподели дека денот му почнува со радионуклеидно тестирање, постапка на семплирање на воздухот во период од 24 часа. Примероците се тестираат за присуство на радиоактивни честички кои се присутни во воздухот како последица на користење нуклеарно оружје. Ова е дел од меѓународен нуклеарен договор во кој членка е и Австралија. Следува проверка на целокупниот телекомуникациски и информатички систем и следење на оперативата преку радиокомуникации. Секоја сезона носи одредени надградби и постојано се работи на завршување на почнати проекти, како и започнување на нови. Денот завршува со рекреативни активности, спорт, музичка соба, дружење со другите членови на експедицијата.
Целокупниот процес за подготовка за заминување на Антарктикот траел повеќе од една година.

- Апликативниот и административен дел е само неколку месеци, потоа следуваат технички интервјуа, медицински прегледи и процена на индивидуалните способности за живот во изолирана средина со ограничен број луѓе. Оваа процена се изведува на локација во која се престојува неколку дена со 20-ина членови, се доделуваат задачи и се анализираат симулирани сценарија од секојдневието на антарктичка база. Притоа набљудувачи се вработени во програмата кои даваат крајна оцена за индивидуалните способности на личноста. Низ апликативниот процес минуваат 5.000 кандидати за на крајот бидат избрани само 180 - објаснува Дејан.



За тоа како е да се работи во екстремни услови и со какви се предизвици се соочува, Дејан вели:
- Базата Мосон се карактеризира со постојано присуство на катабатички ветар кој постојано дува од глечерот кон океанот. Во периоди од зимата кога настапува невреме, ветерот може да достигне и до 200 км на час. Во тие услови секако не се работи, меѓутоа, секојдневно се работи при ветер од 50 км на час и температури од -20 Целзиусови степени. Телото е изложено на голем стрес при вакви услови, што се манифестира со акумулирање на голем замор за краток временски период. Генерално се избегнува работа надвор или се чека временските услови да се подобрат за да се изведе одредена активност.

Човештвото постојано учи од присуството на експедициите на Антарктикот

На Антарктикот има експедиции и од други нации. Не се блиску една до друга за да може да се оствари посета, меѓутоа, се случува повремено одредени научници, поради временски услови, да слетаат во одредена база. Постои соработка, но не е постојана.



Како што објаснува Дејан, човештвото постојано учи од присуството на експедициите на Антарктикот кои се вклучени во набљудување на климатските промени и глобалното затоплување, геологијата, нивото на водата во морето, глациологијата, биодиверзитетот и екосистемите, астробиологијата, човечката издржливост во екстремни услови, заштитата на животната средина, како и глобалната соработка која со Антарктичкиот договор од 1959 година го креира регионот како зона на мир и меѓународна научна соработка.

- Постојано се вршат истражувања од областа на географијата, геологијата, магнетизмот, глобалното затоплување и климатските промени. Во моментов се иницира проект за вадење примероци од мраз кои се стари 2 милиони години - сподели нашиот соговорник Дејан.


Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема