X
 06.08.2025 Наука

Хирурзите имаат двојно поголем ризик да заболат од рак отколку другите лекари

Истражувачите од Медицинскиот факултет при „Харвард“ открија дека американските хирурзи имаат стапка на смртност од рак двапати поголема од онаа на лекарите што не се хирурзи и околу 20 % повисока од повеќето работници што не се лекари. Иако имаат генерално пониски стапки на смртност од оние што не се лекари, неочекувано високите стапки на рак би можеле да фрлат светлина врз ризиците поврзани со работата.

Во студијата „Смртност кај хирурзите во Соединетите Американски Држави“, објавена во „ЈАМА хирургија“, истражувачите анализирале достапни податоци базирани на популацијата за да ги проценат стапките и водечките причини за смрт кај хирурзите.

Истражувачите ги процениле записите за смрт за 1.080.298 лица на возраст од 25 до 74 години, извлечени од Националниот систем за витална статистика за 2023 година, вклучувајќи 224 хирурзи и 2.740 други лекари. Во записите од изводите од смрт ги навеле возраста, полот, основната причина за смрт и вообичаената професија.

Споредбените групи вклучувале лекари што не се хирурзи, други професионалци (адвокати, инженери, научници) и сите други работници. Истражувачите ја пресметале смртноста на 100.000 жители, користејќи стандардизација на возраста и полот според стандардната популација на САД од 2000 година и пресметале коефициенти на стапка на смртност (МРР).


Хирурзите регистрирале 355,3 смртни случаи на 100.000 жители во споредба со 228,4 на 100.000 жители кај лекарите што не се хирурзи, што резултирало со МРР од 1,56. Морталитетот кај хирурзите останал далеку под стапките за сите други работници (632,5 на 100.000 жители) и наликувал на оној кај адвокатите, инженерите и научниците, кој изнесувал 404,5 (0,88 МРР).

Лекарите што не се хирурзи имале најмала веројатност да умрат во сообраќајна несреќа, со 3,4 на 100.000 жители. Хирурзите имале многу повисока стапка од 13,4 на 100.000, што ја прави 4. причина за смрт во групата, додека е рангирана на 9. место меѓу сите други групи.

Ова повисоко рангирање не укажува дека хирурзите се посклони кон несреќи зад воланот. Всушност, тие имаат помалку смртни случаи на 100.000 во оваа категорија отколку сите други групи на работници (13,4 наспроти 16,6). Напротив, тоа одразува преуредување на рангирањата поради намалени стапки на смртност од причини кои се почести во другите групи.

На пример, 4. причина за смрт кај сите други работници се респираторни заболувања со 27 на 100.000, додека за хирурзите таа причина е рангирана на 14. место со 0,6 на 100.000, што ги прави најмалку изложени на ризик-група. Другите лекари биле со три пати поголема стапка од хирурзите, со 1,8 на 110.000.

Хирурзите биле група која имала најмала веројатност да почине од грип, заболувања на бубрезите, заболувања на црниот дроб, септикемија и дијабетес. Стапките на смртност од дијабетес биле извонредно ниски кај хирурзите, 1,6 на 100.000 (рангирани на 11. место по причина), во споредба со сите други работници, 23,8 (рангирани на 5. место) и други лекари, 6,9 (рангирани на 6. место).

Голема отстапка се појавува кога се споредува смртноста од рак. Морталитетот од рак (специфичен за неоплазма) кај хирурзите е регистриран на 193,2 на 100.000 во споредба со 87,5 кај лекарите кои не се хирурзи, што одговара на МРР од 2,21. Ракот е единствената категорија во која хирурзите покажале повисока стапка од сите други работници (162,0 на 100.000).

Авторите посочуваат дека знаењето и ресурсите за здравје кај хируршките и нехируршките лекари се слични. Оваа студија предизвикува загриженост дека факторите на работното место специфични за хирургијата може да ги поттикнуваат вишокот смртни случаи од рак.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука