X
 11.07.2022 Здравје

Што е рак на грлото на матката или цервикален карцином?

Mалигно заболување (вид рак) на грлото на матката - пенетрирањето на малигни клетки преку базалната мембрана и нивна инфилтрација во стомата на грлото на матката се дефинира како рак на грлото на матката.

Што се случува со болеста во светски рамки?

Од рак на грлото на матката умираат над 300.000 жени, односно на 2 минути болеста зема една жртва. Ракот на грлото на матката е четврти најчест канцер кај жените, со околу 570.000 нови случаи во 2018 година.

Настанува најчесто поради инфекција со вирус со име хуман папилома вирус - ХПВ. 99,7% од случаите со рак на грлото на матката биле инфицирани со ХПВ. ХПВ претставува вид вирус кој воедно е и најчеста вирусна инфекција на репродуктивниот тракт на двата пола. Има повеќе од 150 типа. Два од нив се со најголема вина за да се развие рак на грлото на матката. Над 70% од ракот на грлото на матката и преканцерозните лезии се резултат на HPV-16 и HPV-18. Се пренесува преку сексуален контакт, особено доколку партнерот/партнерката има генитални брадавици. Може индиректно преку контаминирани предмети или површина.

Покрај на грло на матката, ХПВ може да предизвика рак на анус, вулва, вагина, пенис и орофаринкс. Покрај ова, постојат и други фактори на ризик за појава на рак на грлото на матката како:

- Пушење
- Генетски фактор
- Инфекција со ХИВ, хламидија, херпес симплекс, гонореа
- Примена на контрацептивни средства
- Рана возраст на прв сексуален однос
- Повеќе сексуални партнери
- Машки партнер со повеќе претходни сексуални партнерки
- Начин на исхрана
- Хронична имуносупресија

Раниот цервикален карцином е често асимптоматичен. Доколку има локално напредната болест, може да предизвика симптоми, како што се абнормално вагинално крвавење, како и посткоитално (по влегување на пенисот во вагината) крвавење, коитална болка (диспареунија), лачење секрет, болки во карлицата.

Откривањето на ракот на грлото на матката се прави преку гинеколошки преглед кај вашиот матичен гинеколог, при  што ќе ви направи и PAP-тест и/или HPV-тест.



Што е ПАП-тест?

Медицинско иследување со кое се докажува присуство на абнормални клетки во грлото на матката и се вика Papanicolaou тест или познат како ПАП-тест. Претставува златен стандард и ефикасен начин за откривање рак на грлото на матката во најраните фази. Светската здравствена организација - СЗО препорачува уште две методи: визуелна инспекција со оцетна киселина (ВИА) и конвенционален (ПАП) тест со цитологија базирана на течност (ЛБЦ). Доколку редовно се извршува на две години, појавата на рак на грлото на матката може да се намали и до десет пати.

Доколку резултатите од ПАП-тестот се сомнителни, за конечна дијагноза задолжително е правење биопсија од грлото на матката. Биопсија е метода со која се зема парче ткиво, во случајов од грлото на матката, и под микроскоп се анализира земениот примерок.

Третманот зависи од степенот на раширеност (екстензија) на болеста.

Примарно за превенција е вакцинација. Поливалентната (содржи повеќе од еден тип на HPV) вакцина, која содржи 2-4 високоризични типови, се дава кај девојчиња пред да започнат со сексуални контакти, од 9 до 14-годишна возраст, најдобро функционира и целта е да се превенира иницијална инфекција со HPV. Некои земји, како САД и Австралија, рутински започнаа да вакцинираат и момчиња.

Жените кои сѐ уште не се сексуално активни и инфицирани со ХПВ-вирусот ќе имаат најголема корист од вакцината. Исто така, корист од вакцината може да имаат и сексуално активни жени, бидејќи тие можеби сѐ уште не се инфицирани со еден од видовите на ХПВ-вирусот што може да предизвика рак на грлото на матката.

Сегашната вакцина е наменета само за ХПВ-вирусите што предизвикуваат две третини од случаите на рак на грлото на матката, затоа сите вакцинирани и невакцинирани жени и понатаму треба редовно да прават ПАП-тест за да се утврди евентуалната инфицираност со другите помалку ризични типови.

Автор: д-р Даниел Милковски
спец. гинеколог – акушер
ЈЗУ УК за ГАК

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје