Во многу делови од светот жените се соочуваат со ограничен пристап до образование поради социјални, економски и културни бариери. Многу од нив, особено во руралните средини, го жртвувале своето право на учење заради семејни обврски, рани бракови или родови нееднаквости. Но, има жени кои дури и во подоцнежна возраст ја обновуваат својата жед за знаење и стануваат симбол на истрајност и надеж. Таков е примерот на Картхијајани Ама од Индија.
Оваа жена успеала да ги надмине сите бариери и научила да чита и пишува во поодмината возраст, па постигнала академски успех. На 96 години Картхијајани Ама стана симбол на женското образование во светот.
Родена во индиската сојузна држава Керала во 1922 година, Ама морала рано да го напушти училиштето за да почне да работи и да му помага на своето семејство. Се омажила млада и работела како чистачка на улиците и како домашна помошничка. Покрај сето тоа, била и мајка на шест деца. По пензионирањето, се преселила во дом за стари лица. Токму таму одлучила да се запише на образовен курс, инспирирана од својата ќерка која успешно положила тест за писменост на 60-годишна возраст. Ама учела да чита и пишува и од своите правнуци, кои тогаш имале 9 и 12 години.
Кога се почувствувала подготвена, го полагала својот прв испит - тест за писменост во рамките на програмата „Акшаралакшам“ на сојузната држава Керала, кој ја оценува способноста за читање, пишување и математика. Од вкупно 40.362 учесници, Ама добила највисока оценка, со речиси совршен резултат од 98 поени од можни 100.
- Тестовите ми беа премногу лесни - изјави таа.
Овој успех ѝ донел признанија и слава. Најзначајно било добивањето на наградата „Нари Шакти Пураскар“, која претставува највисока награда за жени во Индија. Наградата ѝ била врачена лично од тогашниот претседател на Индија, Рам Нат Ковинд. Таа станала и тема на документарниот филм „Босоногата царица“ (англ.„Barefoot Empress“), кој го снимил индиско-американскиот славен готвач Викас Кана. Покрај тоа, од 2019 година Ама била именувана за амбасадорка на добрата волја на Здружението на Комонвелтот за учење, со мисија да ја промовира отворената настава и учењето на далечина како алтернатива во средини каде што образованието е тешко достапно.
Нејзините амбиции само растеле. Си поставила нова цел - да го положи испитот од ниво на десетто одделение на возраст од 100 години. Кога пандемијата ја прекинала наставата во училиштата, Ама без страв се префрлила на дигитални извори.
- Поголемиот дел од денот го поминува пред лаптопот или чита онлајн материјали или го гледа јутјуб-каналот „Акшарам“. Каналот содржи голем број претходно снимени наставни видеа - изјавил нејзиниот инструктор за писменост.
Ама сакала да научи и англиски, исто како и нејзините правнуци кои тогаш го изучувале јазикот. За жал, оваа инспиративна жена почина во 2023 година, на возраст од 101 година, но нејзината истрајност и успех остануваат запаметени. По нејзината смрт, министерот Пинараи Виџајан ја опишал како „гордост на Керала и пример за сите“, бидејќи инспирирала стотици да му дадат нова шанса на образованието.