X
 06.09.2020 Живот

Боењето на перките на ветерните турбини може да помогне да се намали бројот на усмртени птици?

Нешто толку едноставно како црна боја може да е клучот за намалување на бројот на птици што секоја година умираат поради ветерните турбини. Според студија направена на ветерна фарма на норвешкиот архипелаг Смола, менувањето на бојата на една перка на турбината од бела во црна резултирало со 70-отстотно опаѓање на бројот на умрени птици.

Силата на ветрот сè повеќе се користи и во 2019 година на светско ниво биле додадени повеќе од 60 гигавати нови капацитети. Доколку турбините се поставени на вистинското место, енергијата од ветрот е многу поевтина од горењето фосилни горива. И повеќето луѓе би сакале да живеат во близина на ветерни турбини отколку до каков било друг вид електрани.

Сепак, не сите се фанови на ветерните турбини поради нивното влијание врз локалните популации на летачка фауна, како птици и лилјаци. Дури и американскиот претседател Доналд Трамп ги нарече ветерните турбини „гробишта за птици“. Според одредени процени, околу 300.000 птици биле усмртени од ветерните турбини во 2015 година и трендот на умирањето на птиците од турбините опаѓа како што индустријата се насочува кон поголеми перки што се движат побавно.

Умирањето на птиците предизвикано од ветерните турбини може да е и преувеличено, но факт е дека се случува. Претходни лабораториски студии посочуваа дека птиците може и не се толку добри во гледањето пречки додека летаат и дека додавањето визуелни знаци, како различно обоени перки, може да ги зголеми шансите да ги забележат турбините што брзо вртат.

Во Смола, при редовните проверки на четири ветерни турбини - секоја висока 70 метри, со перки долги 40 метри - во периодот меѓу 2006 и 2013 година биле пронајдени шест мрши од белоопашест орел. Четирите турбини усмртиле 18 птици што влетале меѓу перките во текот на тие години, заедно со пет еребици кои се удриле во кулите на ветерните турбини. Во истиот период други четири турбини, селектирани како контролна група, биле одговорни за смртта на седум птици, без да се вбројат еребиците.

Така, во 2013 година кај сите четири турбини во тест-групата една перка била обоена црна. Во следните три години само шест птици умреле при удирање во перките. Колку за споредба, кај четирите контролни ветерни турбини биле забележани 18 пцовисани птици.

Извор: Ars Technica
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот