X
 06.09.2022 Живот

Како Холандија ги убедува жителите да го заменат паркингот за автомобили со паркинг за велосипеди?

„Фитсвлондер“, или велосипедска платформа, му дозволува на соседството да направи промена од автомобилски паркинг во паркинг за велосипеди за жителите да се навикнат и да видат дали има побарувачка пред да биде наместен.

Од паркинг-место за еден автомобил може да се направи место за паркирање 10 велосипеди, но често е предизвик еден град да ги убеди возачите дека е во ред да се отстапи паркинг-просторот за други намени.

Во Холандија, некои градови користат едноставно решение: привремени платформи за 8 до 10 велосипеди, дизајнирани да се вклопат во едно паркинг-место. Овие вело-паркинзи се поставени за жителите да ги испобраат пред промената да стане постојана.

Една неодамнешна инсталација се случи на тесна улица, преполна со куќи, во близина на центарот на Хаг. Повеќето жители поседуваат велосипед и немаат каде да го чуваат; паркираните велосипеди често се оставаат на тротоарот блокирајќи ја патеката за пешаците. Во април била инсталирана платформа за велосипедите. Во текот на следните два месеца жителите имале можност да дадат повратни информации.

На 86 отсто од луѓето што живееле на улицата им се допаднала промена. Во јули градот поставил постојан вело-паркинг и ја преместил привремената платформа во друга населба за да го повтори експериментот.

- Велосипедската платформа е одличен начин да се навикнете на нова ситуација. Со текот на времето приговорите исчезнуваат. Жителите гледаат дека велосипедската платформа добро се користи, има реална потреба за тоа и дека еден „жртвуван“ паркинг-простор едвај прави разлика во притисокот за паркирање - вели Ивон Шуте, водач на проектот за градот Хаг.

1
Фото: The Hague

Идејата потекнува од планерите во градот Ротердам, кои во 2015 година размислувале за идеи што ќе помогнат да се зголеми возење велосипеди во кварт каде што има дополнителен паркинг за автомобили.

- Си рековме, зошто да не развиеме платформа за велосипеди само за да тестираме дали ќе има побарувачка за паркирање на велосипедите и да ја лансираме како тест и експеримент за да помогнеме во промената на начинот на размислување на луѓето во населбата. Исто така, мислевме дека тоа ќе ни помогне да ја забрзаме оваа транзиција бидејќи знаеме дека елиминирањето на паркингот за автомобили е тешка работа насекаде низ светот - вели урбаниот планер Хозе Беселинк.

Откако властите на Ротердам ги тестирале платформите на една локација, брзо почнале да ги користат низ центарот на градот.

- Платформата сега е целосно интегрирана во нивниот работен тек, од обработка на апликацијата до инсталирање на привремениот паркинг, до негово трансформирање во постојан паркинг за велосипеди - вели Беселинк. Ротердам сега има повеќе од 70 привремени вело-паркинзи кои циркулираат низ градот, а речиси 90 паркинг-места се претворени во постојан паркинг за стотици велосипеди. И други градови, вклучувајќи го и Хаг, исто така почнаа да ја користат алатката.

2
Фото: The Hague

Во Хаг, жителите на една населба може да побараат платформа.

- Жителите на улицата сакаа да одат подалеку и да истражуваат дали би можело да има повеќе зеленило на улицата и дали улицата може да се направи да биде пешачка зона. Исто така, ова ги прави жителите посвесни за животната средина - вели Шуте.

Извор: Fast Company
Насловна фотографија: Rotterdam
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот