X
 07.05.2022 Живот

Депресивна данска филозофија ги прави луѓето посреќни. Дали сте слушнале за неа?

САД се рангирани како 19. најсреќна земја во светот во Светскиот извештај за среќа за 2016 година. Дел од американската несреќа може да се поврзе со социјалната структура на земјата.

Да се ​​биде Американец, значи културно да се стремиш кон најдоброто и да вложиш многу труд за да бидеш поинаков и единствен. Не е доволно да си во кошаркарски тим од средно училиште, треба да бидеш најдобар играч. Не е доволно да ги имаш сите петки, туку треба да ги посетуваш сите напредни часови и да имаш исто толку воннаставни активности истовремено.

Каква врска има тоа со среќата? Погледнете ја Данска, која многупати е избрана за најсреќна земја во светот. Општествената структура на Данска е многу различна од онаа на САД. Данците веруваат во нешто што го нарекуваат Јантеов закон, кој се состои од 10 правила чија основната идеја е да се прифати просекот. Овој закон е насекаде во Данска, дури и ако никој не го дискутира или признава.

Овие правила опстојуваат во оваа култура на секој начин, па дури и влијаат врз училишниот систем. Нема конкурентен училиштен систем, нема напредни програми за надарени ученици. Сите училишта мора да бидат еднакви, учениците да си помагаат меѓу себе, а не да се натпреваруваат да бидат „најдобри“. Нема програма за наградување, нема трофеи за учениците кои се подобро оценети.

filozofija
Фото: Freepik

Правила се едноставни. Секое ја поттикнува идејата дека сте просечни и дека тоа е сосема во ред.

- Не мислете дека сте нешто посебно.
- Не мислете дека сте добри како нас.
- Не мислете дека сте попаметни од нас.
- Не треба да се убедувате себеси дека сте подобри од нас.
- Не мислете дека знаете повеќе од нас.
- Не мислете дека сте поважни од нас.
- Не мислете дека сте добри во што било.
- Немојте да ни се смеете.
- Не мислете дека некој се грижи за вас.
- Не мислете дека можете да нѐ научите нешто.

Правилата, кога се напишани, изгледаат застрашувачки и прилично одбивни. Тие доаѓаат од книга напишана од Аксел Сандемозе, а тој се обидел да напише сатира за тоа како е да се живее во скандинавските мали градови во неговиот роман „Бегалецот ја преминува својата трага“. Кога Сандемозе го нарекол градот Јанте, го дал името на нешто што долго опстана во скандинавската практика.

Според Линдзи Дупуис, терапевт од Копенхаген, за законот не се зборува во секојдневниот живот како за свесна практика, туку се живее според него - зборувањето за него изгледа излишно. Зошто да зборувате за внесот на кислород кога сте родени вдишувајќи го?

Оваа идеја се материјализира вака: никој не се фали кога детето му е најдобро на часот по математика. Не се зборува за тоа кој одржал најдобар говор, ниту пак се разговара кој е најуспешен на работа. Тоа не значи дека Данците не се амбициозни, тие се исто толку амбициозни како и сите други. Тие едноставно не се фалат со тоа, ниту пак се оптоваруваат да работат повеќе.

- По дефиниција, повеќето од нас се просечни - вели психологот Медлин Левин во својата дискусија на оваа тема. Според основната дефиниција на зборот просек, поголемиот дел од општеството е некаде помеѓу најлошото и најдоброто, а борбата со него единствено води до анксиозност.

Психологот Бери Шварц коментираше токму за ова. Во својата книга „Парадоксот на изборот: Кога помалку е всушност повеќе?“, тој изјавил дека е неопходно менталното здравје на една личност да го прифати просекот, односно „доволно добро“. Ова е неопходно затоа што можеби е невозможно да се знае дали некогаш е постигнато „најдоброто“, а честопати совршенството е недостижно.

Можеби е невозможно да се знае дали некој имал најдобар резултат, но лесно е да се разбере дека резултатот бил доволно добар. Невозможно е да се измери дали некој е најдобриот музичар, но тој е доволно добар. Шварц инсистираше на тоа дека психолошки, овој континуиран напор да се биде над просекот има негативни последици врз менталното здравје.

Психолошки гледано, овие закони се далеку поздрав начин на размислување. Прифаќањето на вашиот просечен живот значи дека би можеле да добиете поголемо задоволство од него. Покрај тоа, Данците имаат и „хиге“, збор што опишува еден концепт на удобност и пријатност, кој е клучен за нивниот квалитет на живот.

Ако облечете нешто удобно и ги намалите вашите очекувања, повремено ќе бидете импресионирани кога тие очекувања ќе бидат надминати. Сè што ви треба е чувството дека сте доволно добри за да ви биде пријатно и удобно во животот: јанте и хиге.

Извор: Lola Magazin
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот