X
 24.09.2025 Живот

Данците сакаат да градат возови со брзина до 400 км/ч што ќе ја поврзуваат Европа

Данците имаат визија за Европа како континент каде што железничкиот транспорт би можел да го засени воздушниот транспорт, особено за пократки растојанија. „Европа на 21 век“ е името на проектот што претставува нова визија за брза железница наречена „Старлајн“, која треба да поврзе десетици големи европски градови и за разлика од обичните возови, повеќе би личела на метро отколку на класична железница.

Повеќе концепт отколку градежен проект, „Старлајн“ има цел да ги охрабри лидерите во индустријата да го преиспитаат начинот на патување кој ѝ штети на околината и да ја намалат зависноста од летови на кратки релации.

Иако деталите сè уште не се познати, најавено е дека идната мрежа би имала пет линии што поврзуваат 39 града на приближно 22.000 км, со возови што се движат со брзина од 300 до 400 км/ч.

Возовите се дизајнирани да имаат флексибилен ентериер со прегради што можат да се приспособат за сместување на семејства или специфични деловни области, во зависност од нивните потреби. Данците тврдат дека замената на летовите со возови на главните маршрути, како што се Мадрид-Будимпешта или Рим-Минхен, значително би го намалила јаглеродниот отпечаток на Европа, а патниците нема да трошат премногу време патувајќи.

Предложената мрежа би ги поврзувала градовите Париз, Берлин, Брисел, Амстердам, Мадрид, Милано, Виена и Копенхаген, заедно со многу регионални центри. Возовите би сообраќале во редовни интервали - потенцијално на секои 30 минути на главните маршрути - обезбедувајќи сигурност и предвидливост за патниците.


Нови центри

Линиите на „Старлајн“ би завршувале во наменски изградени објекти на периферијата на градовите. Овие станици се дизајнирани да бидат повеќе од транспортни центри: тие би имале културни простори, ресторани, рекреативни објекти и места за настани, трансформирајќи се во мултифункционални дестинации сами по себе. Ова би го намалило застојот во урбаните центри, а воедно би го поддржало регионалниот развој. Со лоцирање на центарот надвор од традиционалните градски центри, проектот би можел да ги намали трошоците за изградба и да го олесни интегрирањето со товарниот сообраќај.

Претворањето на оваа смела идеја во реалност нема да биде лесно. Надградбите на инфраструктурата во повеќе земји, огромните инвестиции и политичките преговори претставуваат значителни пречки. Разновидната географија на Европа - од Алпите до Пиринеите - претставува инженерски предизвик, додека конкуренцијата од авиокомпаниите и нискобуџетните превозници би можела да го отежни преминот од воздушен на железнички превоз. Што носи иднината за „Старлајн“, останува да се види...

Извор: punkufer.dnevnik.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот