X
 07.09.2020 Живот

Рамноземјаши ставени во карантин откако се обиделе да стигнат до „работ на Земјата“

Без разлика што мислите за рамноземјашите, сигурно им се восхитувате на нивната истрајност во обидите да докажат идеи што се побиени милион пати. Еден пар од Италија неодамна дури и ги прекршил мерките за изолација и отпловил да го најде „крајот на светот“.

Парот од Северна Италија, средовечни луѓе што веруваат дека Земјата е рамна, испловил од Сицилија за да стигне до зафрлениот остров Лампедуза, кој се наоѓа меѓу Сицилија и Северна Африка, а кој, според нив, претставувал раб на нашиот рамен свет.

Сето ова се случувало пред три месеци, но за настанот се дозна пред неколку дена. Тие ја напуштиле Венеција во периодот кога во Италија имаше рестриктивни мерки и заминале во Термини Имерезе, каде што го продале автомобилот за да купат брод. Потоа испловиле кон Лампедуза, но не успеале да стигнат до нивната дестинација, туку завршиле на островот Устика, сосема изморени и многу далеку од нивната цел.

Откако се изгубиле, им помогнал лекарот Салваторе Зичичи. Тој истакнал дека тие користеле компас за да им помогне во навигацијата, што е прилично интересно бидејќи нивните убедувања би требало да ги запрат да не го прават тоа.

- Интересно е што тие се ориентираат со компас, инструмент кој функционира врз основа на Земјиниот магнетизам, принцип кој тие, рамноземјашите, би требало да го одбиваат - истакнал Салваторе.

Италијанците биле ставени во карантин во Устика и двапати неуспешно се обиделе да избегаат. На крајот решиле да ги заборават соништата за Лампедуза и се вратиле во Италија.

Изгледа дека работ на Земјата ќе треба да почека уште некое време за да биде пронајден.

Извор и насловна фотографија: Interesting Engineering
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот