X
 07.10.2019 Живот

Накит за лице - доказ дека живееме во дистопија

Не е тајна дека социјалните мрежи имаат многу податоци за сите нас. И додека некои тоа го прифаќаат како неизбежно и велат дека се откажале од чувството на сигурност и контрола поради други придобивки, има и такви што не се откажуваат од борбата. Тие се трудат во секој момент да бидат свесни кои информации ги оставаат на интернет.

Полската дизајнерка Ева Новак се занимава со проблематиката на алгоритми за препознавање лица. Веќе и самите знаете дека „Фејсбук“ ги препознава нашите лица, а тој вид технологија би можела да биде сериозна закана ако ја користат луѓе што сакаат да ви наштетат.

Ева го искористила алгоритамот за препознавање лица на „Фејсбук“ за да ја дизајнира „Инкогнито“. Станува збор за минималистичка маска за лице која го спречува софтверот да ве препознае. Всушност, маската повеќе личи на накит и е одговор на системскиот надзор на граѓаните со помош на камерите што препознаваат лица.

Маската се состои од заоблен правоаголник кој стои меѓу веѓите и челото, а тука се и круговите под очите, на образите. Тие се споени со дебела жица која помага формите да легнат на лицето како очила.


Како дел од колекцијата Новак претстави и огледало-кацига, која е концептуално парче и ја покрива целата глава.


Некои од коментарите за колекцијата се позитивни, но веројатно највпечатлив е следниов: „Ова ќе ги спречи и пријателите, соработниците и странците да те почитуваат“.

Инаку, од „Фејсбук“ соопштија дека го укинуваат софтверот за препознавање лица за идентификација на лицата на пријателите на фотографиите што се поставуваат, а со кој автоматски се сугерира означување. Наместо опцијата „сугестија за означување“, ќе се воведе нагодување за врамување на лица за различни потреби, а не само за означување. Корисниците ќе можат да ја вклучат и да ја исклучат оваа функција.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот