Марк Закерберг, чие богатство изнесува околу 69,8 милијарди долари, неодамна даде едно признание во стилот на Берни Сандерс: Можеби никој не треба да биде милијардер. Поточно, извршниот директор на „Фејсбук“ одговараше на прашање за данокот на капитални добивки предложен од страна на Сандерс.
- Не знам дали имам точен праг на сума на пари што некој треба да ја има, но на некое ниво, никој не заслужува да има толку многу пари. Мислам дека ако правите нешто што е добро, вие сте наградени, но мислам дека дел од богатството што може да е акумулирано е неразумно - истакна Закерберг на интерна сесија на прашања и одговори.
Од „Фејсбук“ ја пуштија во живо сесијата на интернет откако во медиумите протече снимка од контроверзни коментари на Закерберг од претходна сесија. На таа претходна сесија Закерберг го презентира планот на Елизабет Варен за ставање крај на големите технолошки компании (меѓу кои и „Фејсбук“) и вели дека тој план е егзистенцијална закана со која има намера да се бори. Сега, можеби поради тоа што ѝ се обраќаше на јавноста, а не на вработените, Закерберг малку се
повлече.