X
 07.10.2019 Наука

Тројца научници - добитници на Нобеловата награда за медицина

Тројца научници што откриле како се чувствуваат клетките и како се приспособуваат на нивото на кислород ја добија овогодишната Нобеловата награда за физиологија или медицина.

Клетките на човековото тело користат кислород за да ја претворат храната во корисна енергија. Вилијам Каелин, сер Питер Ратклиф и Грег Семенза откриле како се приспособуваат клетките кога нивото на кислородот паѓа.

Шведската академија соопшти дека нивните „елегантни“ откритија доведуваат до третмани за анемија, па дури и карцином.

- За основната важност на кислородот се знаеше со векови, но како клетките се приспособуваат на промените во нивото на кислородот долго време беше непознато - се истакнува во објавата.

Нивото на кислород варира во различни делови на телото – особено за време на вежбање.

Сер Питер Ратклиф работи во Институтот „Френсис Крик“ во Велика Британија, Вилијам Каелин на „Харвард“ во САД и Грег Семенза на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во САД.

Со објавувањето на добитникот на Нобеловата награда за медицина денеска почнува неделата на Нобелови награди.

Утре ќе биде соопштен добитникот на наградата за физика, в среда за хемија, в четврток за литература, и добитникот на Нобелова награда за економија ќе биде соопштен в понеделник.

Нобеловата награда за мир ќе биде објавена в петок во Осло, а најголем фаворит е активистката против климатските промени Грета Тунберг.

Шефот на Институтот за истражување на мирот во Осло, Хенрик Урдал, изјави дека е сосема неверојатно 16-годишната активистка да ја освои наградата, додавајќи дека нејзината возраст работи против неа. Најмладиот лауреат на Нобелова награда за мир е Малала Јусафзај, која ја доби наградата во 2014 година на 17-годишна возраст.

Еден од најверојатните добитници на Нобеловата награда за мир е премиерот на Етиопија, Аби Ахмед, кој склучи мировен договор со Еритреја. Можно е наградата да ја добие и невладината организација „Репортери без граници“.

Паричната вредност на секоја награда е еден милион шведски круни (833.000 евра).

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука