X
 07.10.2022 Живот

Алармантна е состојбата на УКЛО - ниски плати и недостиг на кадар, се пожали Иницијативниот одбор за синдикално организирање

По објавеното интервју со ректорот Неделковски дека Универзитетот кубури со кадар, со јавна објава на заклучоците за истите проблеми се произнесе и Иницијативниот одбор за синдикално организирање на вработените.

Алармантна е состојбата на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола поради недостиг на кадар и ниски нестимулативни плати за вработените, реагира Иницијативниот одбор за синдикално организирање на вработените на УКЛО. На состанокот што го одржаа на 4 октомври годинава, Иницијативниот одбор во донесените заклучоци посочува дека е неодржлива состојбата во однос на бројот на вработени, со што се доведува во прашање редовното функционирање на Универзитетот како и на единиците. Недостиг има на наставно-научниот, наставно-стручниот, научниот, наставниот, особено соработничкиот, но и на административниот и помошно-техничкиот кадар.

Покрај ова, посочуваат дека во незавидна ситуација се и поради малите и нестимулативни примања на вработените, што придонесува за понатамошен одлив на бројот на вработени по сите основи во земјава и во странство.

Поради ваквите состојби, се покренува иницијатива за синдикално организирање на УКЛО, а нивните претставници сметаат дека е потребен дијалог со надлежните институции со цел промена на сегашната неповолна состојба.

- Актуелната тешка економско-финансиска криза со голема инфлаторна стапка создава дополнителен притисок врз сите вработени, а за која мора да се најде решение. Ваквите состојби се присутни во сите јавни високообразовни институции во државата без исклучок и решението треба да се бара за сите. Напоменуваме дека решенијата треба да се бараат во дијалог со надлежните и засегнатите институции - се вели во заклучоците.

За заклучоците на Иницијативниот одбор, јавна поддршка упатија и ректорот Игор Неделковски и претседателот на универзитетскиот Сенат, Пеце Николовски. И тие укажаа дека состојбата на Универзитетот е лоша како од аспект на ниските плати така и од немањето научен подмладок, особено е проблематично што при пензионирање на кадарот тешко се обезбедува согласност за замена со нов млад кадар на работни места кои веќе биле финансирани од буџетот, а се неопходни за непречено одвивање на наставно-научниот процес.

Пред јавно да се објават заклучоците на Иницијативниот одбор, Факултети.мк го објави интервјуто со ректорот, професор д-р Неделковски, кој отворено проговори дека најголемите проблеми на Универзитетот влечат корени од недостатокот на кадар. За овие проблеми последните години немаше други изјави во јавноста.

- Ние имаме масовно пензионирање на професори, а немаме нови вработувања. На прсти се бројат вработувањата во последните години. Немаме подмладок. Дополнителен фактор за недостиг на кадар во техничкиот струки, особено во информатичките, се платите. Асистент зема плата под 30 илјади денари, а максималната плата на професорот е 40.000 денари плус минат труд, за што требаат над 15 години работен стаж. Тоа е почетната плата во ИТ-секторот. Иако бараме демонстратори да ги ангажираме со сопствени средства, нема интерес. Затоа практичната работа не е на задоволително ниво - вели проф. д-р Игор Неделковски, ректор на УКЛО.

Подготвил: Ж.З.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот