Посебно место во серијалот УКЛО КОЛОРС настани што се паметат, претставува еден од највпечатливите и иновативни моменти – промотивната кампања „Корени и крилја – европска диплома дома“.
Заложбата на УКЛО за интеграција во европскиот образовен систем, динамизирани со учество во Алијансата КОЛОРС, истакна неколку клучни иницијативи насочени кон подигнување на меѓународната препознатливост на дипломите и поддршка на студентската мобилност. Меѓу нив, високо позиционирана е активноста што се реализира под слоганот „Корени и крилја – европска диплома дома“.
Средношколци од цела Македонија имаа можност да учествуваат на истоимениот мултимедијален Конкурс насочен за доближување на Универзитетот до младите. Покрај запознавање со УКЛО како европски универзитет, иновативниот „поход“ има поширока општествена димензија: афирмација на современото образование и интернационалниот квалитет на школување во сопствената земја.
Круна на иницијативата е издадената колажна брошура со ист наслов, кој вклучи ставови, творби и инвентивни креации на средношколци од различни македонски градови. Нивните пораки доволно силно зборуваат за тоа што значи да се има традиција како силни „корени“ на припадност и вредности, но, да се има и „крилја“ – амбиции и желби за професионален развој без да ја напуштаат својата земја.
Брошурата беше во фокусот и за време на Отворениот ден на УКЛО како дел од пошироките напори Универзитетот да се доближи до младите и да ги мотивира да го продолжат своето образование во рамките на домашниот универзитетски систем. Според раководството на УКЛО и ректорот, проф. д-р Игор Неделковски, со оваа кампања УКЛО ги слави своите традиции и достигнувања и јасно ја исцртува визијата за иднината – со цврсти корени во заедницата и културата и со широко раширени крилја кон европскиот и светскиот образовен простор.
И локалната заедница, претставена преку градоначалникот на Битола, д-р Тони Коњановски, ја нагласува партнерската улога на Општината со УКЛО во градење на иднината преку платени практики и европски образовни иницијативи. Со тоа се потврдува дека интеграцијата со Европа не е само цел, туку реалност што се гради локално.
Од аспект на средношколскиот систем, директорката на СОУ „Цар Самоил“ – Ресен, Динче Кочевска, ја нагласува важноста за вклучување на средношколците во иницијативи како „Корени и крилја“, што го доближуваат Универзитетот до учениците, правејќи го достапен и модерен.
Визијата на УКЛО за европска интеграција преку Алијансата КОЛОРС во континуитет ја афирмира и проф. д-р Рената Петревска Нечкоска, академска координаторка на УКЛО КОЛОРС. Според неа, УКЛО, како единствен универзитет од земја надвор од ЕУ, рамноправно учествува во креирањето на иднината на европското високо образование преку иновативност, интердисциплинарност и трансформација на студиските програми.
Претставниците на КОЛОРС Алијансата – проф. д-р Хаике Траутман, д-р Анете Клинкерт и д-р Крис Шатка изразија воодушевување од начинот на кој УКЛО се интегрира и влијае врз заедницата - „УКЛО е пример за тоа како партнер надвор од ЕУ може да биде активен учесник во трансформацијата на европското образование“.
Кампањата „Корени и крилја – Европска диплома дома“ е препознаена како модел на добри практики со кои УКЛО КОЛОРС може да продолжи да раскажува убави и добри нешта што се паметат.
(Комерцијална објава)