X
 07.11.2023 Живот

Вистинскиот Ханибал Лектор постои, сѐ уште е жив и е затворен во стаклен кафез

Роберт Модсли има 70 години и е затворен во стаклен кафез од 1979 година. Тој изјавил дека повторно ќе убие ако биде слободен и завршил во самица бидејќи убил три лица додека одлежува доживотна затворска казна за убиството на Џон Фарел во 1974 година.

Тој се смета за најопасниот човек во Велика Британија, а го нарекуваат и вистинскиот Ханибал Лектор.

Веќе 44 години Роберт живее во затворот „Вејкфилд“, во изолиран непробоен стаклен кафез со димензии 5,5 х 4,5 метри.

Единствената природна светлина што ја добива е кога треба да излезе надвор на задолжителни вежби, но не одржува контакт со ниту еден затвореник, туку само со шесте стражари што го чуваат. Единствен мебел во неговата ќелија се маса и стол, направени од компримиран картон додека веце-школката и мијалникот се цврсто прикачени за подот. Креветот на Модсли е бетонски камен, а вратата е изработена од цврст челик. Кафезот е опкружен со дебели проѕирни акрилни плочи и има мал отвор на дното низ кој чуварите ги внесуваат неговите оброци.

Роберт бил роден во Токсет, Ливерпул, во јуни 1953 година. Првите години од животот ги поминал во католичко сиропиталиште со тројцата браќа. Неговата мајка била зависна од кокаин, а татко му имал проблеми со алкохолот. Нивниот татко со години ги изложувал на физичко малтретирање. Модсли поминал најлошо бидејќи често стоел во одбрана на неговите браќа, што го лутело неговиот татко и него го казнувал построго.

Бил затворен в соба шест месеци, а единствената посета била кога татко му ќе влезел во собата за да го претепа.

- Бевме малтретирани речиси секој ден. Речиси секогаш бевме тепани и испраќани во нашата соба - изјавил тој еднаш, велејќи дека она што најмногу го памети било тепањето.

 
- Еднаш бев заклучен во собата цели шест месеци. Татко ми само ја отвораше вратата за да ме удри. Мислам дека тоа го правеше меѓу четири и шест пати на ден. Еднаш  ја скрши воздушната пушка од мене - раскажал тој во една пригода.

На 16 години бил префрлен кај старател во Лондон, период кога почнал да консумира кокаин и марихуана. За да ја плати дрогата, почнал да се занимава со проституција. По неколку обиди за самоубиство, тој бил принуден да побара психолошка помош. На лекарите им рекол дека слушал гласови кои му рекле да ги убие родителите. Признал и дека бил сексуално злоупотребуван во детството.

Подоцна изјавил дека ако ги убиел родителите во 1970 година, ниедна друга личност немало да умре. Неговите жртви биле убијци и педофили. Убивал само криминалци, ладнокрвно и брутално, дотогаш невидено.

Неговото прво злосторство и единственото злосторство што го направил надвор од затворот било кога имал 21 година. Педофил по име Џон Фарел го контактирал за секс. Фарел му покажал неколку фотографии од деца кои ги малтретирал и на тој начин го ослободил бесот на Модсли, кој многу насилно го задавил. Тој бил осуден на доживотен затвор, а експертите препорачале дека тој никогаш не треба да биде ослободен поради неговите страшни психички проблеми.

По тоа злосторство завршил во психијатриската болница „Бродмур“. Таму го извршил своето второ монструозно злосторство. Во 1977 година тој се договорил со друг затвореник и успеале да го затворат Дејвид Чесман, осуден за педофилија, во неговата ќелија. Девет часа го мачеле до смрт.

Ова злосторство било причина тој да биде префрлен во „Вејкфилд“, каде што биле сместени најопасните затвореници во земјата. Но, тоа не го спречило и во 1978 година извршил уште две убиства. Првиот од нив бил Сални Дарвуд, осуден за мачење на неговата сопруга. Го повикал во ќелијата и го бодел со нож до смрт.

Подоцна тој поканил уште неколку затвореници, но никој не прифатил. Затоа тргнал во лов по уште една жртва и успеал да го убие Бил Робертс, затворен поради силување на седумгодишно девојче. Модсли го убил така што му забил виљушка во мозокот. Службениците сведочеле дека тој го изел мозокот на својата жртва.

 
Ова никогаш не било докажано, но оттогаш Модсли станал познат како „Ханибал Канибал“. Кога Модсли се уверил дека Робертс е мртов, мирно му пришол на затворскиот чувар и му рекол дека вечерта ќе има уште двајца помалку и дека за брзо време ќе следуваат уште неколку убиства.

По овие злосторства, затворот нашол начин да го спречи повторно да повреди некого и изградил ќелија од непробојно стакло во подрумот на затворот. Ќелијата била наречена „стаклен кафез“ бидејќи била многу слична на затворот во кој се наоѓал филмскиот Ханибал Лектор.

Во 2000 година тој побарал скратување на периодот кога треба да биде во изолација, но бил одбиен. За подобро да се справи со осаменоста, побарал дозвола да игра табла со чуварите или да му дадат папагал. Својот 64. роденден го помина уживајќи во играта „Call of Duty“.

Во едно интервју изјавил:

- Веќе не се надевам на ништо. Не ме интересира ниту еден од полицајците. Ним им е важно само да се вратам во ќелијата што е можно поскоро. Мислам дека некој од нив може да застане и да разговара со мене накратко, но никој не го прави тоа. Така, се враќам во моето детство, во собата во која бев затворен шест месеци и тоа ме прогонува.

Извор: Stil.kurir.rs
Фото: Printscreen/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот