X
 09.11.2026 Живот

Луѓето што пијат енергетски пијалаци имаат поголема шанса да доживеат ненадеен срцев удар

Кофеинските енергетски пијалаци и стимулативните додатоци во исхраната значително почесто се доведуваат во врска со сериозни срцеви проблеми, вклучувајќи застој на работата на срцето и инфаркт, отколку другите прехранбени производи, објави денеска Американската кардиолошка асоцијација.

Со анализа на повеќе од 28.000 извештаи упатени до Американската агенција за храна и лекови (ФДА) во периодот помеѓу 2017 и 2025 година, истражувачите утврдија дека лицата на возраст од 18 до 34 години често пријавувале дека консумирале такви пијалаци пред појавата на срцевите проблеми.

Продажбата на енергетски пијалаци во изминатата деценија се удвои и ја надмина сумата од 20 милијарди долари, а иако експертите наведуваат дека умерениот дневен внес на кофеин до 400 милиграми е главно безбеден за здрави возрасни лица, одредени енергетски пијалаци содржат и до трипати повеќе кофеин по милилитар во споредба со обичното кафе.

Ситуацијата е уште посложена со суплементите што се користат пред тренинг, а во кои концентрацијата на кофеин може да биде и дванаесет пати поголема.


Бидејќи надлежните регулаторни агенции ги третираат овие артикли како храна или диететски суплементи, тие не подлежат на истите безбедносни проверки какви класичните лекови.

Авторот на студијата, Саи Самајамантула од Универзитетот во Вирџинија, истакнува дека овие производи се продаваат веднаш до обичната вода и соковите, поради што потрошувачите погрешно претпоставуваат дека се целосно безбедни.

Истражувачите напоменуваат дека се неопходни потемелни студии и систематско следење за целосно да се согледаат долгорочните последици од консумацијата на тие производи врз здравјето на срцето.

Извор: euronews
Фото: magnific

Издвојуваме

Живот