X
 07.12.2018 Живот

41. барање на „Жолтите елеци“

Откако бесот на Французите се изли во центарот на Париз, конечно францускиот претседател Емануел Макрон ги сфати размерите на побуната, ја откажа посетата на Србија и се откажа од данокот на гориво, но „Жолтите елеци“ сега бараат многу повеќе - промена на неолибералниот модел кој владее во Франција и во Европа.

Тоа го сугерира нивната политичка платформа со 41 барање, која беше објавена од италијанскиот портал „Contropiano“. Од платформата може да се заклучи дека данокот бил само рачка за побуната, која има многу пошироки цели.

Барањата наведени во платформата изгледаат како да се изречени во име на работничката и осиромашена средна класа. „Жолтите елеци“ бараат промена на работното законодавство во корист на работниците и укинување на политиките на штедење, како и ренационализација на јавните служби кои во ерата на неолибералниот капитализам му се предадени на приватниот сектор.

Иако во првите редови се посочува на материјалните услови за живот и работа, платформата опфаќа и општествени прашања, како демократијата и миграцијата.

Ова се барањата на „Жолтите елеци“:

Работа и плати

1. Повеќе прогресивност во данокот на приход.

2. Минимална плата од 1.300 евра нето.

3. Пензискиот систем да остане солидарен.

4. Да нема пензии под 1.200 евра.

5. Платите и пензиите мора да се приспособуваат според инфлацијата.

Заштита на компетенциите и работата

6. Заштита на француската индустрија и забрана за нејзино селење.

7. Секое лице што работи на француска територија мора да има исти права како и француските државјани и работодавецот мора да му плати исти придонеси.

8. На големите компании да им се ограничат работните договори на определено време. Сакаме повеќе трајни договори.

9. Максималната плата може да биде 15.000 евра.

10. Создавање работни места за невработените.

11. Услов за одење во пензија да биде 60 години старост, односно 55 години за оние што работеле тешки работи.

Право на дом

12. Да се реши проблемот со бездомниците.

13. Да се ограничат цените на кириите и да се осигурат повеќе сместувања по умерени цени, особено за студентите и за привремените работници.

14. Да се спроведе план за топлинска изолација на домовите поради еколошки причини и финансиска корист за семејствата.

Јавна политика

15. Да се фаворизираат малите компании во руралните и урбаните средини. Да се запре изградбата на големи трговски зони околу градовите, кои ги убиваат малите трговци и претприемачи. Повеќе бесплатен паркинг по градовите.

16. Покачување на инвалидската пензија.

17. Ако 6-годишно дете е без нега, треба да се продолжи системот за помош „Pajemploi“ до десет години.

18. Ист состав на социјална помош за сите, вклучувајќи ги и самовработените работници.

19. Веднаш да се запре затворањето на малите превозни линии, пошти, училишта и родилишта.

20. Осигурување на благосостојбата на старите лица со доволно пари.

21. Најмногу 25 ученици во еден клас во основните училишта.

22. Соодветни алати за психијатриските болници.

23. Забрана за продажба на државните имоти (брани, аеродроми...)

24. Правосудството, полицијата, жандармеријата и војската мора да имаат соодветна опрема. Прекувремените часови мора да бидат платени, или одбиени од месечните работни часови.

25. Со средствата од патарините мора да се одржуваат патиштата, автопатиштата и безбедноста на патиштата.

26. Цените на гасот и струјата се зголемени поради приватизација на тој сектор, поради тоа тие мора повторно да бидат јавни добра. Цените да се намалат на реално ниво.

27. Поттикнување превоз на стоки со железнички сообраќај.

Оданочување и економска политика

28. Големите компании како „Мекдоналдс“, „Гугл“, „Амазон“, „Карфур“ мора да плаќаат поголем данок, а помалите компании помал.

29. Ставање крај на зголемувањето на трошоците за горива.

30. Да се забрани оданочување на изворот. Во Франција даноците се плаќаат на крајот на годината.

31. Доста со даночните кредити за компаниите. Тие пари да се користат за поттикнување на француската индустрија за водородни автомобили, како еколошки поприфатливи од електричните.

32. Доста со мерките за штедење. Да се прекине со плаќање камати на нелегитимниот долг и да се започне отплаќање на долгот без земање од сиромашните, а 80-те милијарди евра да се пронајдат во даночните измами.

33. Забрана за наплата на надомест при користење картичка за купување. Да се одреди данок на горивото за бродови и на керозинот.

Фото: Buka

Демократија и трошоци за политиката

34. Секој претставник има право на средна плата. Трошоците на превоз да бидат проверувани и надоместени само ако се оправдани.

35. Народниот референдум мора да влезе во Уставот. Да се направи интернет-локација со која ќе управува независно надзорно тело, а каде што луѓето може да направат профил. Доколку предлогот добие 700.000 потписи, тогаш Националното собрание мора во рок од една година да одржи референдум на национално ниво. Сега францускиот Устав не предвидува референдум.

36. Да се врати седумгодишниот мандат на претседателот на Франција. Избирањето пратеници две години по одбирањето на претседателот помага во праќањето позитивен или негативен сигнал за неговата работа. Тоа би помогнало да се чуе гласот на народот.

37. Укинување на доживотните надоместоци за претседателите.

Интеграција и миграција

38. Барател на азил мора да биде прифатен.

39. Да се разрешат причините за присилна миграција.

40. Оние на кои им се скратено барањето за азил, веднаш треба да бидат вратени во земјата од каде што потекнуваат.

41. Да се воспостави вистинска интеграциска политика. Да се живее во Франција значи да се стане Французин и тоа лице мора да го зборува течно јазикот и да ја знае историјата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот