X
 07.12.2018 Живот

САД имаат проблем со отпадот за рециклирање

Материјалите за рециклирање во САД се трупаат со алармантна брзина и никој не знае каде да ги сместат.

До неодамна тоа беше проблем на Кина. Со години Американците секојдневно испраќаа околу 4.000 контејнери полни со рециклирачки материјал во Кина. Но, на Кина ѝ се смачи да биде канта за рециклирање и сака до 2020 година да нема странски отпад.

Неодамна кинеската влада наметна нова политика која забранува увоз на 24 вида цврст отпад, вклучувајќи ги и повеќето форми на хартија и пластика. Промените стапија во сила на почетокот од оваа година, а тоа им создаде главоболки на Американците.

Секоја година САД рециклираат околу 66 милиони тони материјал и околу една третина од тоа на крајот се продава во странство, претежно во Кина. Минатата година, на пример, Кина купи повеќе од половина од отпадните материјали извезени од САД.

Но, каде ќе оди сето тоа сега кога на Кинезите им дојде преку глава? Реалноста е дека има неколку места во светот што можат да примаат толку многу рециклирачки материјал. А не бараат место за истоварање на отпадот само Американците. Кинеската политика ги погоди и рециклирачите во Канада, Австралија, Британија и во некои делови од Европа.

Од 1992 година Кина и Хонгконг преземаат 72 отсто од сиот пластичен отпад во светот. Наоѓањето замена нема да биде лесно.

- Нема ниедна земја, веројатно ни група од земји што може да земе толкав волумен колку што земаше Кина - истакнува Адина Рене Адлер од Институтот на индустриите за рециклирање на отпад од Вашингтон.

Тоа е вистината. Ниту Индонезија, Виетнам и Индија не се способни да го прават она што го правеше Кина.

А ова е само почеток на проблемот. Во април годинава Кина најави дека ќе забрани уште 32 вида отпадни метали за увезување во фабриките за рециклирање.

Ако САД и другите земји во светот не можат да најдат начин за рециклирање на нивниот отпад дома, проблемот само ќе станува поненадминлив.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот