Астронаутите од мисијата „Артемис II“ направија нови, спектакуларни фотографии од Месечината и нашата галаксија, Млечниот Пат. Снимките настанаа при прелетот на леталото „Орион“ покрај далечната страна на Месечината на 6 и 7 април, објави НАСА.
По успешниот прелет, астронаутите вчера снимија и фотографија од нашата галаксија, Млечниот Пат, која го одзема здивот.
Да потсетиме, мисијата „Артемис II“ изведе историски прелет околу Месечината, при што астронаутите забележаа спектакуларни глетки, како „заоѓање на Земјата“ и ретко затемнување на Сонцето од вселената. За време на седумчасовниот прелет, екипажот сними околу 10.000 фотографии, набљудувајќи ја површината на Месечината од досега невидена перспектива, при што околу 21 процент од далечната страна на Месечината беше осветлена од Сонцето.
Астронаутите сведочеа на „заоѓање на Земјата“
Комуникацијата со Земјата беше прекината околу 40 минути додека леталото „Орион“ поминуваше зад Месечината. Во тој период астронаутите сведочеа на „заоѓање на Земјата“, глетка при која нашата планета се спушта зад Месечевиот хоризонт, слично на она што го видоа астронаутите на „Аполо“ во 1968 година.
Посебно доживување беше и затемнувањето на Сонцето, кое од нивна перспектива траеше речиси еден час, значително подолго отколку на Земјата. За време на тој феномен јасно ја видоа Сончевата корона, опишана како „фина детска коса“, а можеа да ги забележат и планетите Марс, Венера и Сатурн.
По прелетот, командантот Рид Вајзман му се заблагодари на тимот на НАСА со зборовите: „Бевме добро подготвени и ве цениме сите вас, а ова е она што најдобро го правиме кога сите ќе се собереме и функционираме како тим. Сите вие го изведовте тоа совршено. Ви благодариме што ни ја дадовте оваа можност.“
Научничката д-р Келси Јанг порача: „Не можам доволно да нагласам колку многу научни сознанија стекнавме и колку инспирација му дадовте на целиот наш тим, на заедницата на научници и на целиот свет. Денес навистина ни ја приближивте Месечината.“
Фото: скирншот/X, НАСА