Жените астронаути се трудат да бидат попрецизни за време на престојот во вселената, а мажите –да бидат побрзи. Мажите астронаути имаат проблем со слухот, а жените со мочните канали, наведува Американската вселенска агенција,
НАСА.
Ефектите на нулта гравитација врз човечкото тело несомнено се значајни без разлика на полот. НАСА не забележала значајни разлики помеѓу мажите и жените во смисла на нивниот физиолошки и психолошки одговор на вселенските летови.
Во соработка со Националниот институт за вселенски биомедицински истражувања, НАСА објавила извештај после проучувањето на кардиоваскуларните, имунолошките, сензомоторичките, мускулно-скелетните, репродуктивните и бихевиоралните ефекти на вселената врз мажите и жените.
Поради тоа што достапните податоци се несразмерни, 477 мажи наспроти 57 жени, тешко е да се извлечат цврсти заклучоци, но некои нешта се јасни.
Мажите астронаути во вселената помалку биле склони на вртоглавица и дезориентираност во споредба со нивните колешки, додека од друга страна, жените немале проблем со драстично нарушување на видот.
Жените биле повеќе склони кон воспаленија на мочните канали, додека на мажите често им ослабувал слухот, посебно на левото уво.
Се покажале и психолошки разлики. Така, жените астронаути на тестовите покажувале поголема склоност кон прецизност, отколку кон брзина, додека кај мажите се покажало обратното.
НАСА заклучува дека потребно е да се бираат повеќе жени за вселенските мисии и што повеќе мажи и жени астронаути да се поттикнуваат на тестирања како на Земјата, така и во вселената.