Сонувате да ги поминете пензионерските денови во странство? Новото истражување на магазинот „Интернешнл ливинг“ ги открива најбезбедните и најповолни места за уживање во пензијата.
- Од руралниот живот во Португалија до градските прошетки во Малезија, безбедноста е загарантирана. Ако не сметаме дека некое место е доволно безбедно за обичен човек да води обичен живот, тогаш не го препорачуваме - вели Џенифер Стивенс, главна уредничка на „Интернешнл ливинг“.
Еве каде пензионерите може да очекуваат слобода и сигурност во 2025 година:
Португалија
- Мирната атмосфера и инклузивната култура на Португалија ја прават земјата вистинско прибежиште за пензионерите - наведува „Интернешнл ливинг“.
- Насилните злосторства овде речиси и да не постојат. Се чувствувате безбедно - вели Тери Колс, Американка која живее во Португалија веќе седум години. Таа додава дека никогаш не се чувствувала несигурно и нагласува дека земјата има население кое брзо старее, па речиси една четвртина од луѓето се над 65 години.
Малезија
- Со целосна сигурност можам да кажам дека никогаш не сум се чувствувал побезбедно. Најчесто навечер не ги заклучуваме вратите. Дури и рано наутро никогаш не се чувствувам ранливо. Некои од моите најмирни моменти ги доживеав овде, пиејќи кафе или шетајќи по улиците - вели Кит Хоктон, кој веќе 16 години живее во Пенанг, Малезија.
Ирска
Ирска се наоѓа високо на Глобалниот индекс на мир, на второто место. Уредниците на „Интернешнл ливинг“ објаснуваат дека ниската стапка на криминал, стабилната власт и силното чувство на заедништво ја прават Ирска идеално место за пензионирање.
- За многу иселеници, едно од најубавите искуства во Ирска е самата заедница. Луѓето се пријателски настроени, љубопитни кон новодојденците и подготвени да помогнат. Лесно е да станете редовен гостин, а уште полесно да се чувствувате како дома - вели тој.

Фото: Freepik
Шпанија
Американката Марша Скaрборо, која се преселила во Шпанија во 2017 година, вели дека ужива во врвниот луксуз и целосната лична сигурност.
- Во Шпанија се чувствувам многу побезбедно отколку во САД. Кога првпат дојдов, пријателите ме уверуваа дека е безбедно да се враќам сама пешки навечер. Бев скептична. Но кога го направив тоа, улиците беа полни со насмеани лица. Жените без страв се возат во метро и автобуси - вели таа.
Шпанија е рангирана како 23. најбезбедна земја според Глобалниот индекс на мир за 2024 година. Строгите закони за оружје дополнително го зголемуваат чувството на сигурност.
Италија
- По осум години поминати во Италија, искрено можам да кажам дека никогаш не сум се чувствувал загрозено - вели Чип Стајтс. Тој вели дека трипати го изгубил паричникот и секојпат му бил вратен, без ништо да недостига.
- Тоа ги одразува италијанските вредности. Луѓето тука се горди на своите заедници. Повеќе вреднуваат односи и култура отколку материјални работи. Животот во Италија е опуштен, поврзан и сигурен.
Грција
- Во Атина се чувствувам побезбедно отколку кога било во Сан Франциско - вели Лин Руоло и додава дека насилниот криминал е редок, а полицијата е видно присутна.
Грчката традиција на „филоксенија“, гостопримство кон странци, создава топла и инклузивна атмосфера.
Виетнам
Шарин Нилсен од Австралија се преселила во Хо Ши Мин во 2011 со сопругот.
- На улиците тука се чувствуваме побезбедно отколку дома. Никогаш не сме биле ограбени или загрозени. Имаме шетано низ паркови навечер - нешто што е незамисливо во некои западни градови - вели Шарин.
Костарика
- Секогаш сум се чувствувала безбедно во нашата заедница. Никогаш не сум се посомневала во одлуката да ги одгледувам децата тука. Благодарна сум што пораснаа покрај океанот, опкружени со природа. Животот тука е отворен, опуштен, радосен и во хармонија со околината - вели Бека Ботон, самохрана мајка која одлучила да ги одгледа своите две деца покрај плажите на Костарика.
Уругвај
Дејвид Хемонд речиси 20 години живее во Монтевидео, главниот град на Уругвај.
- Уругвај постојано се рангира како една од најбезбедните земји во Латинска Америка и по скоро две децении поминати тука, можам да кажам дека се согласувам. Животот овде е без стрес, топол и безбеден - вели тој и додава дека нема потреба од автомобил бидејќи секаде се стигнува пешки.
- За подолги релации користам автобус, што е многу помалку стресно отколку возење во американскиот сообраќај.
Фото: Pexels