X
 08.12.2023 Живот

Романија планира да складира гравитациска енергија во рудниците

Министерството за енергетика на Романија, кое е и единствен акционер во фирмата „Комплексул енергетик валеа џиулуи“ (ЦЕВЏ), одобри потпишување рамковен договор за соработка со австралиски инвеститор за складирање енергија во рудници.

ЦЕВЏ и австралиската компанија „Грин гравити“ ќе соработуваат за да ги истражат можностите за примена на иновативна технологија за складирање енергија во 17 рударски окна во четири рудници во Романија. Договорот ги опишува опсегот и целите на заедничката студија за процена на техничките, економските и еколошките аспекти на претворањето на постојните рудници за јаглен на ЦЕВЏ во капацитети за складирање енергија.

Студијата, исто така, ќе ги процени потенцијалните придобивки и предизвици од интегрирањето на системите за складирање енергија со постојната електрична мрежа и обновливите извори на енергија.

Романија минува низ голема енергетска транзиција, со цел да го зголеми уделот на обновливата енергија во нејзиниот енергетски систем и да ја намали зависноста од фосилните горива.

- Ја поздравувам оваа иницијатива која го покажува потенцијалот на соработката меѓу Романија и Австралија на полето на чиста енергија и климатски мерки. Ги поддржувам напорите на ЦЕВЏ и „Грин гравити“ да ја истражат можноста за складирање гравитациска енергија од старите рудници, што би можело да обезбеди одржливо решение за подобрување на флексибилноста и еластичноста на нашиот енергетски систем, обезбедувајќи ја иднината за долината Џиу додека постепено се намалува нашата зависност на фосилните горива - изјави министерот за енергетика на Романија, Себастијан Бурдуџа.

Извор: Poslovni
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот