X
 09.01.2024 Живот

ЕУ апелира за помасовна вакцинација против коронавирусот и сезонскиот грип

Ковид-19 и неговите варијанти сѐ уште се околу нас и сѐ повеќе циркулираат во нашите заедници, при што во моментов е детектирано коегзистирање на три типа вируси истовремено, изјави еврокомесарката за здравство Стела Киријакидес, нагласувајќи ја потребата од помасовна вакцинација против короната и сезонскиот грип.
Киријакидес истакна дека најновите здравствени податоци укажуваат дека во некои земји членки на ЕУ се бележи значителен пораст на лица инфицирани со корона вирусот, додавајќи дека дополнителен предизвик претставува и циркулацијата на други респираторни заболувања.

Според неа, вакцинацијата останува клучна заштита од коронавирусот, особено за ризичните категории граѓани.
- Тоа го истакнав и во писмото испратено до сите министри за здравство во септември за потребата од вакцинација против ковид и сезонски грип. Ни треба соодветно тестирање, секвенционирање, известување и споделување на податоците за ковидот. Тоа е единствениот начин на кој можеме да продолжиме ефикасно да го следиме ширењето на вирусите кои циркулираат и нивните варијанти и да се чуваме меѓусебно - истакна Киријакидес за „Еурактив“.

Во Хрватска во периодот од 12 до 18 декември се регистрирани 68 смртни случаи поврзани со компликации предизвикани од ковид-19, додека здравствените власти во Грција предвидуваат дека доколку продолжи сегашниот тренд на раст на инфицирани со коронавирусот, би можело да се очекуваат по околу 80 смртни случаи неделно. Во Италија во последните две недели од 2023 година се регистрирани рекорден број заболени од сезонски грип и ковид, додека во Белгија кон средината на минатиот месец беше утврдено високо ниво на циркулација на коронавирусот во отпадните води и негов нагорен тренд.

Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ), земјите членки на ЕУ пријавуваат различни трендови на зголемување и намалување на активноста на коронавирусот, на хоспитализирани пациенти со ковид-19 и на смртни случаи, претежно на лица на возраст од над 65 години.

Од ЕЦДЦ посочуваат дека повторната појава на ковид, заедно со сезонскиот грип и респираторниот синцицијален вирус (РСВ), како и нивната „коегзистенција“ не се неочекувани.

Некои земји членки веќе размислуваат за воведување нови рестриктивни мерки, како што е задолжителното носење маски на одредени места. Така, шпанското Министерство за здравство синоќа соопшти дека од денеска се воведува задолжително носење маски во здравствените установи во Шпанија и покрај противењето на властите на дел од регионите во земја.

Сепак, некои влади се воздржани во однос на воведувањето рестриктивни мерки, стравувајќи дека тоа би можело да биде искористено од антиваксерските и популистички партии и групи во пресрет на изборите за Европскиот парламент на почетокот на јуни.

Извор: МИА




Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот