X
 01.06.2021 Здравје

Вакцините на „Фајзер“ и на „Астра зенека“ се помалку ефикасни против индискиот сој

Вакцината против ковид-19 на „Фајзер“ е помалку ефикасна, но нуди некаква заштита од индискиот сој Б.1.617, според ново истражување спроведено од францускиот институт „Пастер“. Онаа на „Астра зенека“ нуди значително помала заштита против овој сој, според истражувањето.

Според спроведени лабораториски тестови, вакцината на „Фајзер“ веројатно заштитува против овој сој, иако има послаба ефикасност, изјавил Оливиер Шварц, директор на институтот и еден од авторите на истражувањето.

Во истражувањето биле анализирани 28 здравствени работници во градот Орлеан, од кои 16 ги примиле двете дози од вакцината на „Фајзер“, а 12 примиле една доза од вакцината на „Астра зенека“, пренесува „Тајмс оф Израел“.


Фото: Pixabay

Луѓето што ги примиле вакцините на „Фајзер“ имале три четвртини помалку антитела против индискиот сој. Лицата што примиле вакцина на „Астра зенека“ имале значително пониски нивоа на антитела кои би биле ефикасни против индискиот сој, според истражувањето.

Пациентите што прележале ковид-19 минатата година и оние што примиле две дози од вакцината на „Фајзер“ имале доволно антитела за да се заштитат од индискиот сој, иако имале поголем имунитет за британскиот сој, според Шварц.

Истражувањето сè уште не е рецензирано, а може да се пронајде тука.

Од појавувањето во Кина кон крајот на 2019 г., коронавирусот САРС-КоВ-2 што ја предизвикува болеста ковид-19 мутирал повеќе пати, создавајќи соеви што најчесто биле именувани по местото на кое биле откриени. Сојот откриен во Индија веројатно се шири побрзо од другите соеви и досега бил забележан на 53 територии, според Светската здравствена организација.

Извор: timesofisrael.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје