Три од 10 лица што минатата година стекнале докторат се невработени, а овој процент се искачува речиси на 50 отсто кај оние под 30 години, покажуваат податоците објавени во неделата.
Стапката на невработеност кај докторите на науки достигна рекордно ниво откако статистичката служба на Кореја почна да ги следи овие податоци во 2014 година, истакнувајќи ги недостигот на квалитетни работни места и зголемениот удар на кризата на пазарот на трудот врз високобразованите професионалци.
Според податоците, 70,4 отсто од 10.442 лица што лани стекнале докторат изјавиле дека успеале да се вработат. Оние што не нашле работа опфаќаат 26,6 отсто, додека 3 отсто биле класифицирани како економски неактивни.
Стапката на невработеност која го вклучува и процентот на оние што не успеале да најдат работа и на економски неактивните – останала во средните 20 отсто од 2014 (24,5 отсто) до 2018 (25,9 отсто), но во 2019 година скокнала на 29,3 отсто, достигнувајќи рекордни 29,6 отсто во 2024 година.
Најзагрозени се младите доктори на науки
Анализирано според возраст, од 537 испитаници под 30 години што докторирале, дури 47,7 отсто биле невработени – највисока стапка во историјата на истражувањето.
Невработеноста значително варира и според областа на студирање. Така, највисока е кај оние што дипломирале уметност и хуманистички науки – 40,1 отсто. Следуваат природните науки, математиката и статистиката со 37,7 отсто, а потоа општествените науки, новинарството и информациските науки со 33,1 отсто.
Спротивно на тоа, полето на здравство и социјална заштита, образованието, бизнисот, администрацијата и правото бележат релативно пониски стапки на невработеност.
Овој тренд ја нагласува сè поголемата криза со обезбедување квалитетни и добро платени работни места, дури и за лицата со највисоко образование.
Корејскиот пазар на труд слабее поради зголемената економска неизвесност, што ги принудува компаниите да им даваат предност на искусни работници наместо на нови кандидати.
Загриженоста расте дека ситуацијата дополнително ќе се влоши. Во 2023 година извештај на банката на Кореја предупреди дека способноста на вештачката интелигенција да извршува неконвенционални, когнитивни и аналитички задачи ќе значи зголемен ризик од автоматизација дури и за висококвалификуваните и високоплатените професии.
Извор:
Koreatimes.com
Фото: Freepik