X
 09.07.2025 Живот

Само пари не се доволни за ова „порше“: Еве што друго бара германскиот бренд од купувачот

И додека се чини дека понудата на „порше 911“ е веќе толку обемна што ги опфаќа сите можни вкусови и афинитети на возењето, уште еден ексклузивен додаток пристигнува од Цуфенхаузен. Станува збор за моделот „911 карера Т клуб купе“, специјално издание ограничено на само 70 примероци, наменето исклучиво за членови на „Порше клуб Америка“.

Ова не е автомобил што можете да го купите во салон, прво мора да бидете дел од заедницата, а потоа да бидете меѓу ретките што ќе добијат шанса да го купат.

Моделот бил претставен по повод 70-годишнината од основањето на Клубот, најголемиот клуб на сопственици на „порше“ во светот, и е базиран на серијата 992.2 Карера Т. Ова значи дека станува збор за пуристичка верзија со шестстепен мануелен менувач, погон на задните тркала и намалена тежина, благодарение на отстранувањето на непотребните луксузни додатоци.

Перформансите остануваат базирани на докажана механика. Тука е и трилитарски двоен турбобоксер, управување на задните тркала, механички диференцијал со ограничено лизгање, спортски издувен систем и „ПАСМ“ суспензија спуштена за 10 мм.

Но, она што го издвојува „клуб купе“ е неговата естетика. Новата боја „шолар блу металик“, именувана по основачот на клубот Бил Шолар, внесува класичен допир со модерен сјај. Црвените детали на предниот браник и капакот на моторот му даваат на автомобилот препознатлив идентитет, додека буквите „Клуб купе“ во сребрена боја на вратите дополнително ја нагласуваат ексклузивноста.

Во кабината доминира црна кожа, а купувачите со дополнителниот пакет-опрема добиваат и влошки од тартан-ткаенина на седиштата, персонализиран прирачник за сопственикот, специјално дизајниран клуч и ексклузивен часовник „порше дизајн“ во истите бои како и возилото.


Нема механички надградби, но „карера Т“ веќе доаѓа со импресивни карактеристики како стандард. Покрај рачниот менувач, возачите го добиваат пакетот „Спорт хроно“, помоќни сопирачки и издувен систем што го подобрува звукот на моторот. 

Од вкупно произведените 70, повеќето ќе останат во Соединетите Американски Држави, а помал број ќе пристигне во Канада. Еден дополнителен автомобил ќе остане засекогаш во Европа, но не кај купувачот, туку во музејот на „Порше“.

Цената сè уште не е објавена, но јасно е дека автомобилот ќе биде поскап од стандардната „карера T“.

Извор: jutarnji.hr

Фото: YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот