Дали од западната култура, преку социјалните мрежи, патолошкиот нарцизам се прелеа и во нашето културно-општествено живеење и дали модерните варвари се денешните примери на медиокритети!? Изгледа дека одговорот е ДА.
Јас како психијатар ќе се обидам да ви го предочам значењето на ентитетот патолошки нарцизам, што е во домен на нашата професија, а воедно ќе се потрудам да ја разобличам менталната миопија од која патат медиокритетите, намножени секаде околу нас.
Патолошкиот нарцизам се манифестира како опсесија со себеси и со својата суета, воедно и со изворното внатрешно чувство дека треба да се поседуваат посебни права и третмани исклучиво во нивна корист. Лицето што пати од патолошки нарцизам смета дека нешто само нему му припаѓа иако тоа не е ниту реално ниту втемелено на реални вредности. Тука е и зависта, која е исклучиво нарцистично обележје, зад која стои желбата за деструкција на она што нарцистичната личност го нема, т.е. другите лица го имаат, површните односи, недостигот на емпатија и ароганцијата. Причините за појавата на ваков тип нарушување можат да бидат различни, но во основа се сведуваат на едно, актуелно, недостигот на хармоничен развој во детството во комбинација со погубните друштвени трендови на модерното време. Нарушувањето настанува кога во текот на развојниот период е оневозможено воспоставување хармонија во однос на телото, емоциите и умот. На сето тоа се надоврзува нешто наследено, како темпераментот, на кој впрочем се надградува карактерот низ градење односи со лицата околу себе. Важно е да се препознае темпераментот и на него да се развие карактерот. Ако излезе дека хармонизацијата во развојниот период не се воспоставила, се развива девијација, односно патолошки нарцизам на личноста, состојба која може да резултира со погубни постапки за најблиската средина и за самиот поединец кој пати од патолошки нарцизам. Тоа е, всушност, психолошка конструкција на личноста која неретко, да не речам секогаш, води кон агресија или автодеструкција. Нарцистичното нарушување најчесто успешно се прикрива затоа што поединецот кој е афициран од истото нарушување е успешен и угледен адвокат, лекар, политичар, банкар, спортист, уметник и е речиси „нормално“ функционален во својата средина, сѐ до оној момент на „пукање“ кога таквото навидум нормално функционирање не прерасне во агресија кон надворешниот свет или кон себеси. Нарцизмот, всушност, секогаш се движи од здрав нарцизам кој е и пожелен, неопходен за секојдневен раст и развој на личноста, па до оној облик на патолошки нарцизам кој е грандиозен, вулнерабилен, а се карактеризира со ароганција, искористување на другите за лични потреби, завист, дефицит на емпатија... Таквите лица, кога ги гледаме површно, изгледаат полни со самопочит, но вистината е обратна. Впрочем, станува збор за личности со многу висок степен на несигурност во себе и поради тоа, таквите лица ги создаваат нарцистичните механизми за одбрана, кои однадвор изгледаат моќно, но во суштина се работи за лична одбрана од внатрешната несигурност и немоќ. Секој патолошки нарцис има две состојби - надворешна слика која ја манифестира, состојба на грандиозност, која не е ни одблизу таква, и реалната внатрешна состојба која е чиста спротивност на надворешната манифестација, состојба на фрагилност и вулнерабилност. Впрочем, психичката ранливост и силниот комплекс на помала вредност со која се борат патолошките нарциси ги поттикнува дури и на физичка пресметка со послабите од нив. Воедно и манифестацијата на бес кај патолошкиот нарцис, всушност, крие висок степен на посрамотеност, срамот како емоција е директно поврзана со патолошкиот нарцизам. Се поставува прашањето дали друштвените мрежи во голема мера го поттикнуваат патолошкиот нарцизам. Па, ДА! На социјалните мрежи се поставуваат стандарди, каде што имаме пренагласена физичка манифестација, пренагласена форма, што значи дека се занемаруваат содржината и суштината на нештата. Се алудира на што подобро фотошопирани слики, за акцентирање на надворешната слика, а истовремено занемарување на субјективното доживување на личноста. Битно за напомена е дека ваквиот однос кон себеси и нештата околу нас станува сериозен цивилизациски проблем. Во контекст на сето тоа социјалните мрежи на нарцисите изискуваат поголем број на „лајкови“ на нивен статус или фотографија како облик на нарцистичната потврда и неговата ефикасност во надворешниот свет. Битно за напомена е дека патолошкиот нарцис е фин и ги толерира другите лица само до оној момент кога има корист од нив. Во моментот кога неговиот интерес престанува, тие личности повеќе не постојат за него.
Освен епидемијата на патолошки нарцизам, се поставува прашањето дали во денешно време рапидно се појавува и нов тип на епидемија - владеење на медиокритетите и појавата на медиокритетство, кое се манифестира на различни начини и во различни облици. Она што е заедничко за сите типови медиокритети е внатрешната психолошка кочница која го кочи индивидуалниот и друштвениот развој. Како што напишав и на почетокот, би се потрудила да ја разобличам менталната миопија кај медиокритетите. Всушност, таа ментална миопија од која патат медиокритетите е духовно и ментално осиромашување, кое го карактеризира отсуство на имагинација, креативност, безалтернативност, недостиг на идеали и неспособност за идеализам. Таквите лица напредуваат преку границите на својата способност и подрачјето на својата неспособност. И како расте бројот на таквите лица, општеството и сите ние паѓаме во рацете на медиокритетите, а со тоа епидемијата за нивно ширење зема замав. Епидемијата се шири преку задушување на креативноста и оригиналноста од страна на медиокритетите, саботирање на способните и наметнување на шаблонизирано и репресивно однесување. Социјалните околности на денешницата кои го поддржуваат и засилуваат медиокритетството се материјализмот, догматизмот, како и затвореноста за нови идеи и идеали. Се поставува прашањето дали медиокритетството е душевна состојба или индивидуална дијагноза?! Би можело да се рече дека медиокритетството е некој вид болно/нарушено здравје затоа што е навидум нормална состојба, а дејствува патолошки, состојба која не носи еволуциска предност, во ниту една смисла. Кога се зборува за медиокритетство, се зборува за различни аспекти – за интелектуално, емоционално, естетско, морално, духовно, политичко, општествено... Интелектуалното медиокритетство се однесува на психолошка ограниченост на индивидуалната волја, мотивација и користење на актуелната когнитивна интелигенција. Се манифестира како антиинтелектуализам, недостиг на критичко мислење, читање, професионално усовршување, едукација. Емоционалните медиокритети ги карактеризира низа на афилијативни интереси и потреби кои вклучуваат соживот, солидарност, сочувство со други лица. Познат француски филозоф ги дефинира таквите лица како елита на обичност, лица со страсна гордост, висок степен на вулгарност и персонална ароганција која во сите случаи се поврзува со човековата глупост. Моралното медиокритетство се карактеризира со недостиг на индивидуалност, автономија и недостиг на визија за општо добро. Социјалните медиокритети се препознаваат преку изборот на пријатели и блиско опкружување, преку валоризирање на тривијални, плитки теми за разговор и трачеви, како и површни сексуални односи. Политичкото медиокритетство се карактеризира со комбинација на сите претходно наведени облици на медиокритетство.
Психологијата на медиокритетите е заразна и затоа зборуваме за епидемија на медиокритети која се шири во погубни граници. Медиокритетите се просечни и не се истакнуваат во ниту еден аспект од секојдневното живеење, па поради тоа, лесно се вклопуваат и се шират во секој друштвен амбиент и така запоседнуваат голем дел од јавниот простор, и „благодарение“ на таквите е усвоена мерната единица малограѓански морал. Медиокритетите се сметаат за модерни варвари кои немаат грижа за послабите и почит спрема различните. Преку материјализација, банализација и нивна превласт се шири епидемијата чии последици се голем број различни психички деформитети.
За да може човекот квалитетно да функционира и покрај замавот на епидемиите на новото време, мора да поседува доблести на умот и срцето. Доблест на умот значи да се има лична перспектива, понизност, покореност во низа ситуации, да се има смисла за хумор и доблест за прифаќање на не толку пријатните ситуации и моменти низ животот. Доблест на срцето значи простување, благодарност, великодушност, емпатија. За жал, ова е време во кое се оди кон зголемено, пумпање на егото, а со тоа се губат смислата на животот и суштината на нештата. Со таквата борба за превласт на материјалното и формалното се билда чистиот егоизам кај поединецот.
Автор: супспец. д-р Милијана Кацарска, психијатар,
сертифициран за РЕБ психотерапија