X
 09.10.2018 Наука

Климатски експерти на ОН бараат брза акција за ограничување на затоплувањето

Светот ќе мора да преземе брза акција ако сака да го ограничи климатското затоплување на 1,5 Целзиусов степен, оценуваат експерти за климатски промени на Обединети нации и предупредуваат дека ќе има значителни ризици ако овој праг се надмине.

Меѓувладината експертска група за климатски промени, лауреат на Нобеловата награда за мир, објави извештај на 728 страници во јужнокорејскиот град Инчон, во кој детално се опишува корисното влијание врз времето на Земјата, здравјето на луѓето и екосистемите ако глобалните лидери успеат во иднина да го запрат затоплувањето предизвикано од човекот на половина Целзиусов степен наместо од еден Целзиусов степен.

Научниците предвидуваат дека ако се случи тоа, од недостиг на вода ќе страдаат двојно помалку луѓе отколку сега, ќе има помалку смртни случаи и болести поради топлина, смог и разни инфекции, ќе има значително помалку топли бранови, поројни дождови и суша.

- За некои луѓе, без сомнение, тоа е прашање на живот или смрт - изјави Натали Маховолд од Универзитетот „Корнел“, која е еден од авторите на извештајот.

Во 2010 година учесниците во меѓународните разговори за климата ја прифатија целта за ограничување на затоплувањето на два степена во споредба со прединдустриската ера. Ова беше наречено „Цел од два степена“.

Во 2015 година, кога беше историскиот Париски климатски договор, беше определена двојна цел - два Целзиусови степена и повисоката цел од 1,5 Целзиусов степен во споредба со прединдустриската ера. Целта од 1,5 степен беше на инсистирање на ранливите земји, кои целта од два степена ја нарекоа „смртна пресуда“.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука