X
 10.07.2018 Живот

Животот е убав, но ние сме алчни


Со овој текст сакам да ви укажам на сите вас колку само ни е убав животот. Дојдено е време да се делиме по богатство, кој каков телефон има, кој каков автомобил вози, кој во каква куќа живее. Не дека немаме пари, бараме премногу и мислиме дека немаме. И да, не се трудиме да заработиме.

Еве ќе ве прашам, ама да бидете искрени, зар не сте задоволни со тоа што го имате сега покрај вас, зар не сте задоволни од просторот во кој сега седите? Да, секогаш може подобро, не велам не. Но со тоа може подобро, земаме многу залет и забораваме на она што за нас е доволно добро.

Ја знаете приказната за алчноста? Еден ученик го прашал својот учител: „Што е алчност?“ На тоа учителот одговорил: „Со цел да добиеш одговор на твоето прашање, оди до фабриката за чоколади што се наоѓа близу до нашето училиште и избери го чоколадото што најмногу ти се допаѓа. Но, постои правило, како што ќе поминуваш низ фабриката, не треба да се враќаш назад. Мораш да избереш само одејќи напред.“ Ученикот го послушал својот учител и отишол во фабриката. Како што поминувал, забележал едно убаво завиткано чоколадо кое веднаш му се допаднало, но си помислил дека понатаму може да најде некое поголемо. Движејќи се, забележал уште едно, но повторно си го помислил истото. Кога почнал да се приближува до крајот на фабриката, не можел да види толку големо чоколадо како она што не го избрал, па почнал да се кае затоа што го пропуштил. Потоа се откажал и со празни раце се вратил кај учителот и му раскажал што се случило. На ова тој одговорил: „Ти многу го сакаше едното чоколадо, но сѐ уште продолжуваше да бараш нешто поголемо. Па, потоа сфати дека тоа што го пропушти беше најдоброто нешто што можеше да го најдеш таму. Ова, мил мој, се нарекува алчност.“



Ја прочитав приказната во една книга со приказни. Така и добив инспирација за ова што ќе го пишувам. Во потрага по подоброто забораваме на вистинското. Чудни сме ние, луѓето, секогаш, ама баш секогаш, бараме нешто подобро, поубаво, секогаш бараме повеќе и повеќе. На тоа, драги мои, крај му нема. Вие и милионер да сте, ќе сакате милијардер да сте, нели? Бидете задоволни со тоа што го имате сега. Бидете исполнети со тоа што го правите сега.

Ве прашав предмалку, зар не сте задоволни од животот, од нештата што ве опкружуваат? Имате болка во мускулите? Болки во главата? Болки во душата? Секој ги има. Но што ако се затвориме и живееме со нив? Исплачете се дома, мавајте со перниците во ѕид, викајте на цел глас, а потоа, потоа излезете надвор и живејте. Ви посакувам на сите кариера и успех, ама баш на сите, но не заборавајте на семејството и среќата што ја поседувате. Тие се нешта кои цела вечност ќе живеат во нас и ќе го одржуваат животот во нас.

Кариерата бледнее, парите се кинат, автомобилите се кршат, телефоните се расипуваат, среќата, таа останува. Не велам да се откажете од телефоните и парите, ви велам да не се опседнувате со тоа бидејќи тоа се уништува. Бидете опседнати со среќа и љубов! Не треба да се учи човек на богатство, треба да се учи на среќа. Така ќе ги разликува вредноста и цената на нештата во животот. Сè што е материјално има крај! Дружете се, зборувајте со сите, ама баш со сите, пејте, смеете се, забавувајте се! И болката поминува, каква и да е.
Сакајте се со вашите браќа, сестри, сакајте ги мајка ви, татко ви, сакајте ги пријателите, сакајте ги роднините, сакајте ги сите, само така и вие ќе бидете сакани. Па знаете, можеби и јас грешам, не ни е животот убав, животот ни е прекрасен!

Дрaги мои, ако не мислите така, ви давам искрен совет, сега веднаш да станете, да им заѕвоните на вашите најблиски и да седнете на кафе. Или повикајте ги дома, смејте се. Драги, кога ќе се спуштат завесите на претставата наречена живот, а на сите некогаш ќе ни се спуштат тие завеси, убаво ќе е да имате на што да се сеќавате. Живејте со срце полно љубов, мисли полни добрина, живејте моменти полни среќа, животот ни е толку убав, не бидете алчни по повеќе. Секогаш има повеќе, а со тоа заедно доаѓа и полошо.
Живејте со среќа и љубов. Животот ни е прекрасен!

Автор: Марија Ванѓеловска (15), ученичка од Охрид

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот