„Рокстар гејмс“ и „Вест коуст кастомс“ го претставија автомобилот од претстојната игра ГТА 6, „гроти чита“, кој се продава за 1,3 милиони долари во Лондон. Овој единствен модел им го привлекува вниманието на колекционерите и обожавателите на видеоигрите.
„Рокстар гејмс“ и познатата работилница „Вест коуст кастомс“ ги здружија силите за да го оживеат култниот автомобил од претстојната игра ГТА 6. Станува збор за моделот „гроти чита“, кој е изложен во Лондон, а еден среќен купувач може да го однесе дома за вртоглави 1,3 милиони американски долари.
Ѕвезда на лондонската изложба
Во рамките на големата промотивна кампања за новата игра, која ќе излезе на 19 ноември, британскиот трговски синџир „Селфриџис“ во Лондон отвори посебен изложбен простор. Главна атракција е целосно функционалниот автомобил „гроти чита“, кој се темели на легендарниот „ферари тестароса“ од осумдесеттите години.
„Вест коуст кастомс“ се погрижи возилото да изгледа точно како во играта. Автомобилот доби розово-сина боја, додека внатрешноста е прекриена со рачно шиена италијанска кожа по мерка.
Под капакот на моторот наводно се крие 4,9-литарски атмосферски V8 мотор. Возилото има спуштена суспензија и тркачки гуми, а пред доаѓањето во Европа беше видено како се вози низ улиците на Мајами во друштво на други реплики од популарниот серијал.
Како да се дојде до овој уникат
За разлика од вообичаените промотивни наградни игри, „Рокстар“ овој пат одлучи да заработи од својата креација. Цената од еден милион британски фунти, што е приближно 1,3 милиони американски долари, јасно дава до знаење дека автомобилот е наменет исклучиво за најбогатите обожаватели или колекционери кои сакаат дел од историјата на видеоигрите.
Интересно е што возилото не може едноставно да се купи преку интернет или во продавницата. Потенцијалните купувачи мора да договорат приватен термин во стоковната куќа „Селфриџис“ за да добијат можност за преговори за купување на оваа импресивна машина.
„Вест коуст кастомс“ направи вкупно шест вистински автомобили за промоција на играта.
Продажбата на овој ексклузивен автомобил е само дел од огромната маркетиншка машинерија пред лансирањето на играта ГТА 6.
Фото: принтскрин/јутјуб