ЕУ треба да направи резерви на лекови, агрегати и суровини за да биде подобро подготвена за воена инвазија, пандемија или природна катастрофа, соопшти Европската комисија.
Оцртувајќи ја својата прва стратегија за складирање, извршната власт на ЕУ изјави дека земјите членки треба да разгледаат и итни резерви на производи за прочистување на вода, опрема за поправка на подморски кабли, беспилотни летала и подвижни мостови за употреба во конфликти.
Претходно годинава јавноста беше повикана да складира храна, вода и основни потреби за 72 часа, за да може да издржи воен напад, природна катастрофа, прекин на електричната енергија или голема индустриска несреќа.
Според стратегијата за подготвеност на ЕУ, службениците разработуваат што треба да складираат владите и како да ја зајакнат подготвеноста за здравствени вонредни состојби, како што се пандемии, антимикробна отпорност, хемиски, нуклеарни или биолошки закани.
Плановите се базираат на искуствата од пандемијата на ковид-19, кога земјите членки на ЕУ брзаа да набават маски и друга медицинска опрема за себе, оставајќи ги оние на кои им е најпотребна без резерви.
- ЕУ треба да има редовно ажурирани, неексклузивни листи со клучни стоки приспособени на различни кризи - се наведува во планот.
До 2026 година ЕУ има намера да воспостави центар за критични суровини за заедничко купување на такви стоки, во име на заинтересирани компании. До истата година, ЕУ ќе има список со лекови и медицински технологии кои ќе бидат приоритетни за складирање или заедничка набавка.

ЕУ веќе има флота од противпожарни авиони и хеликоптери, авиони за медицинска евакуација, медицинска опрема и теренски болници. Со интензивирањето на европската сезона на пожари, Комисијата изјави дека ќе биде потребно да се набават дополнителни хеликоптери или лесни авиони за заштита на ваквите области.
Комесарот на ЕУ за управување со кризи, Хаџа Лахиб, предупреди за важноста на стратешкиот план.
- Ги знаеме заканите со кои се соочуваме - хибридни напади, прекини на електричната енергија, екстремни временски услови и ширење на болести. Ова веќе не се далечни ризици. Затоа ја преместуваме подготвеноста од маргините на првата линија на нашата одбрана - истакнала таа.
Најновата стратегија доаѓа откако данската премиерка Мете Фредериксен го потврди својот став дека ЕУ мора да биде подготвена да се одбрани до 2030 година.
- Руското вооружување би можело да претставува вистинска воена закана за Европа и НАТО во рок од две до пет години - изјавила таа пред Европскиот парламент.
Извор: dnevnik.hr
Фото: Freepik