X
 16.03.2021 Наша тема

Кризата не попушта, се заканува нов бран на отпуштања на македонските работници

Бизнисмените апелираат побрзо да се изгласаат законите што се заглавени во Собранието, а се неопходни за да им се исплати помошта на компаниите и на граѓаните. Упатените укажуваат дека опасноста од нов бран на отпуштања и понатаму им се заканува на македонските работници, особено ако прекине помошта од државата за исплата на платите

Од почетокот на ковид-кризата во Македонија без работа останале 18.266 лица, кои биле одјавени од своето работно место, пишува Агенцијата за вработување во последниот извештај за бројот на баратели на работа. Вкупниот број невработени лица што активно бараат работа во февруари годинава достигнал 159.608 лица, а на списокот со невработени се уште 90.700 лица кои се пасивни баратели на работа. Притоа, од февруари минатата година досега има 54 илјади повеќе активни баратели на работа, а бројот на пасивните баратели на работа во истиот период е зголемен за 4.600.

Зависни од помош

Бројот на активни баратели на работа е двојно зголемен бидејќи дел од невработените лица првпат излегуваат на пазарот на труд, или станува збор за работници кои работеле во „сивата економија“ и не биле социјално осигурени. Поради кризата, овие работници остануваат без приходите што ги имале, па најчесто се пријавуваат во Агенцијата за вработување за да бидат вклучени во некои од проектите за вработување.
Но, покрај евидентираниот раст на бројот на лица што останале без работа, она што загрижува во домашната економија е понатамошното пролонгирање на оваа здравствено-економска криза, како и во земјите во соседството и во Унијата. Бизнисмените апелираат побрзо да се изгласаат законите што се во заглавени во Собранието, а се неопходни за да им се исплати помошта на компаниите и на граѓаните.



Упатените укажуваат дека опасноста од нов бран на отпуштања и понатаму им се заканува на македонските работници, особено ако прекине помошта од државата за исплата на платите.

- Македонската економија се наоѓа во една комплицирана состојба која бара брзи структурни промени кои ние многу тешко ги правиме. Ако поради партиските интереси на пратениците, помошта не стигне до компаниите, тогаш е сигурно дека голем број работници ќе останат без работа. Дали Владата ќе успее да ги преквалификува овие работници и на тој начин брзо да најдат работа во друга индустриска гранка, е прашање кое бара дополнителни анализи од типот на нивото на образование на работниците кои може да останат без работа, која е нивната старосна структура, во кои региони живеат и така натаму - вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија.


Ангел Димитров /Фото: ОРМ

Тој додава дека иако во одредени сектори во последниот квартал од минатата година беа забележани позитивни тенденции, кризата сè уште не е помината.
- Масовните затвoрања во Германија, која е наш најголем трговски партнер, но и во други земји од Европската Унија, придонесоа многу наши извозни сектори да останат без нарачки и да работат со многу мал капацитет. Во вакви околности владината поддршка за исплата на плати е неопходна, во спротивно, голем број работници ќе останат без своите работни места и ќе бидат на товар на државата како нови социјални случаи. Свесен сум дека Владата не може бесконечно да помага за исплата на платите, но ако сакаме да ги задржат своите работни места, помошта е неопходна - објаснува Димитров.

Два начина за ублажување

Економистите, пак, укажуваат дека врз состојбата влијаат сите чинители и дека сите заедно треба да ја преземеме одговорноста за пандемијата за побрзо да се надмине здравствената криза, а последователно и економската.

- Односот не само на власта, туку и на голем дел од населението кон пандемијата е доста неодговорен. Не може една пролонгирана пандемија да не предизвика економски проблеми. А, сепак, стравот од економските последици од пандемијата се чини дека не е доволен мотив за многу луѓе да го сообразат своето однесување согласно здравствените препораки. Економската криза досега е со низок интензитет поради исклучително високото задолжување што го направи власта минатата година. Но, тоа не може да трае до недоглед. Веќе станавме високо задолжена земја, а тоа само по неколку години ќе создава големи проблеми, поради нужноста да се враќаат сè поголеми износи на основици и камати. Покрај тоа што се исцедува можноста преку задолжување да се држи ситуацијата под контрола, нерамноправната дистрибуција на вакцините на штета на глобалниот Југ нè лишува од важна помош во борбата против пандемијата, а истовремено се шири позаразна варијанта на Ковид-19. Тоа значи дека во услови на нов скок на заразени од Ковид-19, државата ќе располага со помала финансиска моќ да ја држи работата под контрола на економски план. И, за жал, многу капиталисти ќе се стремат намалените приходи да се „балансираат“ преку отпуштање работници наместо преку намалување на профитот - објаснува професорот Здравко Савески.


Здравко Савески / Фото: Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје

Според него, има два начина како да се минимизира ваквото сценарио. Прво, преку почитување на здравствените препораки да се даде личен придонес кон помалото нарушување на економскиот и здравствениот план. Втор начин е работниците да се организираат и при обидот да бидат отпуштени да си ги бранат организирано своите работни места.
- Без првото и второто, а во контекст на намалената финансиска моќ на државата преку задолжување да ја држи ситуацијата под контрола, за очекување е нагол пораст на отпуштање работници во следниот период - прецизира Савески.
Подготвил: Петранка Огнаноска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема