X
 10.08.2018 Економија

ИКЕА во Индија ќе привлекува купувачи со малку поинаква продажна политика

Поради поголемите увозни царини во Индија, ИКЕА планира да работи малку поинаку во оваа земја, т.е. со пониски цени ќе се обиде да ги привлече оние што внимаваат на цените и не се навикнати сами да си го склопуваат мебелот.

Шведскиот произведувач на мебел се обидува да се пробие во нови земји во Јужна Америка и во Азија бидејќи растот на продажбата забавува на традиционалните пазари, вклучително и во Европа. Се надева на успех во Индија поради растечката средна класа, веројатно избегнувајќи го повторувањето на високите цени кои на почетокот ја погодија продажбата во Кина и во Австралија.

Компанијата, која увозните царини во Индија ги окарактеризира како голем предизвик, настојува да ги задржи ниските цени, а според индиските правила, во следните пет години мора да користи 30 отсто суровини од локално подрачје. ИКЕА веќе користи суровини од Индија - и тоа петтина од своите светски резерви.

Покрај тоа, ИКЕА треба да ја приспособи и својата стратегија.

Пониски цени


Продавницата, која се протега на 37.160 квадратни метри, а е сместена во јужниот индиски град Хајдерабад, ќе понуди илјада производи како прибор за јадење, кадифени играчки, канти за отпад со цени под 200 индиски рупии (2,91 долара) - што е поевтино отколку во повеќето други земји.

Брза проверка на индиската интернет-страница на ИКЕА покажува дека популарните производи се поевтини отколку во САД.

- Се чини дека ИКЕА успеала да ги сфати своите индиски потрошувачи и да ги приспсоби цените во согласност со тоа - истакна Сомија Адираџу, аналитичар во истражувачката компанија „Еуромонитор интернешенл“.

За да ја задоволи индиската склоност кон готов мебел, ИКЕА направи група од 150 вработени кои ќе им помагаат на купувачите во составувањето на мебелот и ќе се здружи со „Урбан клап“, апликација која поврзува луѓе со различни даватели на услуги, вклучително и столари.

„Урбан клап“ на потрошувачите им наплатува околу 250 рупии (3,64 долари) за половина час столарска работа. Колку за споредба, „Таск рабит“, сервисна платформа што ИКЕА ја купи во 2017 година, на американските купувачи им наплаќа минимум 36 долари за каква било работа за инсталација.

Фото: Pixabay

Наплив од нови центри

Појавувањето на ИКЕА во Индија се очекуваше долго време. Додека Швеѓаните да се договорат со индиските власти, конкуренцијата на ИКЕА во земјата се зголеми поради основањето стартапи кои станаа популарни во големите градови. Сепак, на целокупниот пазар на мебел во голема мера доминираат неорганизираните малопродажби и локални продавачи.

ИКЕА првично планираше да отвори 25 продавници во земјата до 2025 година. Во јуни од компанијата истакнаа дека веројатно ќе отворат повеќе продавници, кои ќе бидат помали и ќе бидат сместени во градовите.

Компанијата купи земјиште во Хајдербад, Бангалор, Мумбај и Гуруграм и планира да се прошири во Сурат, Ахмедабад, Калкута, Ченај и Пуна.

Продажбата во продавниците на ИКЕА минатата година се зголеми за 4 отсто. Колку за споредба, продажбата во индиските продавници за покуќнина се зголемила за околу 9 отсто.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија