X
 26.11.2018 Живот

Планот на „Икеа“ да ја реши кризата со загадувањето во индиските градови

„Икеа“ има план да им помогне на најзагадените градови да дишат полесно. Гигантската компанија за мебел ќе почне да создава производи од земјоделскиот отпад во Индија, што значи дека земјоделците повеќе нема да мора да го горат.

Иницијативата наречена „Подобар воздух сега“ ќе им обезбеди на индиските фармери да ги искористат оризовите сламки, кои често се горат. Чадот од огнот од сламките е еден од главните причинители на кризата со загадувањето во Северна Индија.

„Икеа“, која ги отвори првите продавници во Индија оваа година, планира да ги купи оризовите сламки и да ги претвори во обновлив извор за своите производи. Амбицијата на компанијата е да создаде модел за намалување на загадувањето на воздухот што ќе може да се примени и во други мегаградови.

ikea

Шведската компанија соопшти дека првите прототипови на производи базирани на оризови сламки ќе бидат подготвени до крајот на 2018 година. Се надева дека ќе почне да ги продава во Индија до 2020 година, пред да ги понуди на други пазари.

Програмата ќе започне во областите околу главниот град на Индија, Њу Делхи, еден од најзагадените градови во светот - пред да биде проширена во други делови на земјата и на крајот на глобалните пазари на „Икеа“.

„Икеа“ работи со индиската држава и локалните власти, невладините организации и компаниите за да помогне во преземањето на иницијативата.

Секоја година земјоделците палат милиони тони остатоци од култури за да ги исчистат полињата за наредната сезона, ослободувајќи огромни количини штетни честички во воздухот.

Дури 33 отсто од целокупното загадување на Њу Делхи претходно овој месец беше од согорувањето на житните култури, покажува извештајот на истражувањето за квалитетот на воздухот и предвидување на времето. Се верува дека загадувањето во Индија е виновно за околу еден милион смртни случаи годишно. Податоците од Светската здравствена организација, објавени во мај, велат дека Индија има 9 од 10-те најзагадени градови во светот.
 
Воздухот во Њу Делхи е толку загаден, што жителите би можеле да живеат 9 години подолго ако градот ги почитува стандардите на СЗО, процени Институтот за енергетска политика на Универзитетот во Чикаго.

Икеа презеде и други чекори за зголемување на одржливоста во изминативе неколку месеци, вклучувајќи ја и глобалната забрана за пластика за еднократна употреба во своите продавници.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот