X
 10.10.2022 Живот

Сместувачките капацитети за Евровизија во Ливерпул се речиси распродадени

Стотици хотели во Ливерпул ги пополнија капацитетите за сместување за помалку од еден ден откако беше прогласено дека градот ќе биде домаќин на Евровизија наредната година. Сместувањето што сè уште не е резервирано се нуди за илјадници фунти од ноќ, пренесува „Гардијан“.

По помалку од 12 часа откако беше откриено дека Ливерпул ќе биде домаќин на Евровизија, повеќе немаше празни соби на најголемите веб-страници за хотелски резервации. Од „Букинг“ изјавија дека 99 отсто од хотелите целосно се резервирани на 13 мај, ноќта на финалната вечер на Евровизија. Празните соби што се нудеа за оваа ноќ на оваа веб-страница чинеа до 4.700 фунти за ноќевање.


Во меѓувреме, на „Ербиенби“ еден оптимистичен мештанин го нуди својот дом за 15.000 фунти за ноќта на финалето. Цената се искачува на 17.600 фунти доколку се вклучени услуги за чистење. Сместувањето е за најмногу 10 луѓе. Друго сместување на оваа платформа чини 11.733 фунти за денот на финалето.

Ноќевањето во хотел или стан во Манчестер и Саутпорт, кои се на околу еден час од Ливерпул, чини под 100 фунти на двете веб-страници.


Финалната вечер на Евровизија ќе се одржи на 13 мај во Ливерпул, а полуфиналните вечери треба да се одржат претходно во текот на истата седмица. Дваесет британски градови се пријавиле да бидат домаќини на Евровизија наредната година откако беше одлучено дека натпреварот ќе се одржи во Велика Британија наместо во Украина. Велика Британија беше одбрана поради освоеното второ место на Евровизија годинава.

Организацијата на натпреварот се плаќа од локални и државни финансии, како и од телевизиските компании. Се очекува настанот да го гледаат над 160 милиони луѓе на телевизија.

Извор: The guardian
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот