X
 07.03.2023 Наша тема

Кристина Атовска, воен известувач: „Поминав три месеци во жариштето во Украина, не постојат доволно мрачни зборови за да опишам дел од она што го видов“

Сметам дека е многу важно светот да ја види реалната слика од терен. Кога војната ќе заврши, историјата ги претвора сите случувања во бројки. Ваквите сведоштва не само што треба да ја подигнат свеста за тоа што правиме како човештво и за тоа колку сме деструктивни, туку треба и да останат да сведочат како потсетник дека секој еден залудно изгубен човечки живот не е само бројка, вели Кристина Атовска

Македонската новинарка и воен известувач од Украина - Кристина Атовска неодамна имаше изложба „StandWithUkraine” со фотографиите направени за време на војната, директно од жариштето во Украина. Вели дека одлуката да се впушти во едно вакво искуство воопшто не била тешка. Атовска ни споделува многу детални факти, моменти, доживувања, преживувања...

- Поривот да се биде во центарот на жариштето во мене тлее многу одамна. Уште во студентски денови посетував обуки за известување од кризни и насилни подрачја, па можам да кажам дека одамна се подготвувам и дообучувам за она што го работам или сакам да го работам. Во изминативе 10 години известував од речиси сите насилни протести во Скопје. Известував и од насилни протести во Белград и во Атина, но ништо не може да се спореди со известување од војна. За разлика од протестите, војната не завршува на крајот на денот. Воениот репортер нема крај на работното време, преживувањето е дваесет и четиричасовна обврска. Токму затоа, војната е најголемиот предизвик за еден новинар. Во такви околности, сознанието дека им даваш глас на неслушнатите е она што ти дава волја да останеш да спиеш под бомби, а тоа воопшто не е едноставно - истакнува Атовска.



Не сум видела поголем ужас од оној во Буча

Военото репортерство не е жанр за секого, на терен одат само оние новинари што го имаат тој конкретен порив - да си го изложат животот на опасност за да им помогнат на оние до кои сите се плашат да стигнат, посочува Атовска.

- За жал, во нашата држава овој жанр или сектор во новинарството не постои, а уште потажно е тоа што медиумскиот сектор е конструиран да ги обесхрабри и оние малкумина што имаат желба да известуваат од високоризични региони. Поминав три месеци во жариштето. Бев во Киев додека сѐ уште беше окупиран. Во Буча ден по ослободувањето, во Харков, кој е под константно бомбардирање, па сѐ до првата линија на огнот во регионот Изјум. Навистина ми е тешко да најдам доволно мрачни зборови во речникот за да опишам дел од она што го видов. Буча, ден по ослободувањето, изгледаше постапокалиптично. Уште на влез бев шокирана од глетката на оставени тела на улица, а во тој момент мислев дека тоа е најгрозоморното нешто што ќе го видам таму. На некои улици имаше гробови на зелените површини веднаш до тротоарите, гробови имаше и во дворовите на цивилите кои биле принудени дома да си ги закопаат саканите затоа што биле под целосна опсада. Потоа, на само неколку километри оддалеченост, се наоѓаше црквата со масовна гробница во дворот. Луѓето се обидуваа да ги извадат телата оттаму, а државните служби веќе ги подготвуваа за испраќање на обдукција. Дел од телата беа изгорени од гранатирање, а дел стрелани. Не сум видела поголем ужас од оној во Буча - раскажува детално нашата соговорничка.



Живот под дожд од бомби

На емотивен план, многу тешко ги доживувала раскажувањата на луѓето кои изгубиле сѐ и само со една кеса во рацете се обидувале да избегаат од ужасот.

- Во Харков, пак, кој се наоѓа блиску до рускиот Белгород од каде што се стрела и целно и бесцелно, видов поинаква слика. Градот беше непрекинато бомбардиран, па затоа ме изненади колкав број жители донеле одлука да останат да живеат под дожд од бомби. Само да напоменам, сите се останати во своите домови затоа што во градот нема многу подземни места за засолнување. Не само што духот на жителите на Харков не е скршен, туку имаат и неверојатна волја и сила да покажат дека никој не може да ги избрка од градот што го сметаат за свој дом. Остатоци од касетни бомби, комплетно урнати училишта и факултети се честа глетка во градот. Во Харков го сретнав и последниот жив ликвидатор на радиоактивниот материјал од Чернобил и можам да кажам дека тоа ми е едно од најемотивните искуства од теренот. Сиве овие години тој пишувал поезија, а по 5 минути рецитирање сите плачевме, па дури и хуманитарците од Западот кои не разбраа ниту еден збор. Многу работи ми се случија во трите месеци живот во Украина, толку многу приказни вратив со мене што дури ни во филм немам простор да ги раскажам сите. Од практичен аспект, тешко ми беше единствено тоа што сум со недостиг на ресурси, па движењето ми беше ограничено. Од емотивен, мислам дека многу тешко ги доживував раскажувањата на луѓето со солзи во очите кои изгубиле сѐ и само со една кеса во рацете се обидуваа да избегаат од ужасот. Имаше приказни кои навистина ми оставија длабока трага - изјавува Кристина.

Утрото ѝ почнувало со кафе од автомат од бензинска станица и линковско вклучување во „Утрински брифинг“.




- По јавувањата во живо, одев на терен и ги снимав и фотографирав состојбите во штотуку ослободените места. Подоцна ѝ ги праќав снимките на мојата колешка во Скопје да ги измонтира за да се емитуваат во следниот „Утрински брифинг“. Ноќите изгледаа различно, во зависност од локација. Во окупиран Киев, спиев во подземно засолниште со мештаните кои инаку не примаат странци затоа што локацијата се чува во тајност. Таму ме однесе мојот украински колега Александер Бојку, со кого претходно бев во контакт и не дозволи да останам сама во окупиран град. Од луѓето со кои живеев таму имам многу убави спомени, дури и разделбата ни беше многу емотивна. Во тој период, ваквите засолништа беа и единствен извор на храна бидејќи хуманитарците таму ја доставуваа, а буквално ништо не работеше во градот. Во ослободен Киев, периодот до полицискиот час го поминував со моите колеги од европските држави и со хуманитарците што беа дојдени во Украина. Една ноќ, заедно со хуманитарна група, бевме принудени да спиеме на отворен автопат зашто не ни дозволуваа да влеземе во Харков поради силното гранатирање. Ноќите во Харков се сосема поинакво искуство. Страшно искуство. Никогаш нема да ја заборавам првата вечер во градот. Сместени бевме во цивилна зграда на 12. кат. Гранатирана беше соседната зграда, а звукот и тресењето на нашата траеја повеќе од 15 минути. Тие минути ми изгледаа како цела вечност. Неколку ноќи спиевме во зграда во најисточниот дел од Харков, од каде што се гледаа сите истрелувања на ракети од Белгород. Ги гледавме една по една како одат нагоре, знаејќи дека ќе паднат некаде околу нас, со надеж дека тоа нема да биде нашата зграда. И тоа е едно од пострашните чувства. Ќе го споменам и одењето до првата линија на огнот во Изјум, каде што неколкупати стрелаа на нас. Поминавме повеќе време во рововите од планираното затоа што бевме под оган. На враќање, за влакно избегнавме „пријателски оган“. Преполн е фолдерот, колку со грозоморни, толку и со надежни и топли приказни од тоа патешествие - се присетува новинарката Кристина Атовска.



Војната им се случува на цивилите

За изложбите во Скопје и во Тирана, вели дека ги одбрала оние фотографии што се фокусираат на злосторства против цивилното население.

- Поминав многу време со нив, но и со војниците и со хуманитарците. Најтешко во тој ужас им е на цивилите кои се разбудиле со тенкови во своите дворови, токму затоа во фокусот ми се граѓаните кои не одбрале ова да им се случува и децата кои се најневини, а најмногу страдаат. Имам една фотографија во гратчето Чухуев од семејство заглавено во црвена зона. На фотографијата има мало дете со дрвена пушка во рацете на кое играта му е претворена во војна зашто таква му е реалноста. Тоа дете со месеци не видело друг цивил, покрај неговата куќа поминуваат исклучиво војници. За мене, една од потажните е фотографијата од две деца пред нивното урнато училиште. Жителите на Харков кои два часа по бомбардирање го чистат разурнатото место. Урнати факултети, остатоци од касетни бомби се дел од фотографиите. Војната не е само броење и известување за факти, војната им се случува на цивилите, а нивниот глас е најзаборавен. Важно ми беше на јавноста да ѝ пренесам емпатија за оние што живеат во пекол не по нивна вина - истакнува Кристина.



За разлика од изложбата, во филмот „Приспивни сирени“ си дозволила да си ги искаже чувствата.

- Тешко ми беше да одберам кои приказни ќе ги раскажам зашто се вратив со премногу часови материјал. Филмот го покажува сето она што ми остави трага од трите месеци поминати таму. Почнувајќи од тоа колку ми беше тешко да заминам таму, преку грозоморноста во Буча, па сѐ до опасните ситуации во кои се најдов на истокот. Впрочем, најгрозоморните снимки од убиени цивили, случајно и намерно, вклучувајќи ги и оние тела пронајдени во подруми со врзани раце, се дел од филмот. Дел од овие снимки се премногу трауматични за објавување во медиум, затоа одбрав да ги ставам во документарен филм. Но тоа е и филм за надеж, за храброст и волја. Втората половина од филмот е фокусирана на оние што одлучиле да не бегаат од својот дом и со својот пркос да бидат симбол на отпорот, но и за оние што ја донеле одлуката да ги напуштат своите топли домови и да отидат во хуманитарна мисија да помагаат на некаков начин. Досега филмот освои 6 први места на меѓународни филмски фестивали и има околу петнаесет номинации. Оние што го оценуваа рекоа дека е многу емотивен филм кој ви дава чувство како да сте таму - вели Кристина.



Лага е реченицата дека во војна нема правила

Издадена е и публикација од Совет за етика, а ги содржи основните работи кои еден репортер мора да ги знае за да преживее во војна.

- Лага е реченицата дека во војна нема правила. Правила има, а зошто на одредени места се прекршуваат и од кого, е друго прашање, но известувач кој тргнува во војна значително си го зголемува ризикот за животот ако не ги знае клучните правила на однесување и работење во зони на висок ризик. Опасностите на терен се многубројни, почнувајќи од опасноста да се изгуби слободата ако новинарот нема потребни акредитации или не е доволно информиран за новите регулативи во државата, преку опасноста да се загине од оган од агресорот ако новинарот направи погрешна процена за заканата, па сѐ до опасноста од „пријателски оган“ ако новинарот не ги знае правилата на маркација и однесување при движење и поминување низ контролни пунктови. Оваа публикација практично ги содржи најосновните правила за работа и преживување на терен за новинари, фоторепортери и сниматели (бидејќи во зона на конфликт, нивната работа на терен се разликува). Што треба да знае и да обезбеди еден известувач пред да тргне во воена зона, како да се однесува и да се движи на терен и како да проверува информации и да известува за сензитивни групи и прекршувања на човековите права - посочува Атовска.



Иако самоиницијативноста да си опсерватор и репортер во војна важи за храбар подвиг, таа вели дека не се смета за храбра.

- Малку поинаку гледам на работите, веројатно поради мојата љубов кон новинарството. Кога имам работа, фокусот и волјата да ја сработам добро се она што ме води, па стравот некако е блокиран. Секако дека на терен имаше ситуации во кои многу се плашев, но тоа го сфаќам како дел од работата. Тој страв мора да се има за да се биде претпазлив и да не се направи непромислен потег кој се плаќа со живот. Воените репортери имаат практика да не работат на терен со луѓе кои воопшто не се плашат зашто така се заглавува во ситуации од кои нема назад. За мене, храброста е релативен поим бидејќи е нужно врзана со стравот, а сите се плашиме од различни работи. На пример, јас ги сметам за храбри луѓето што пливаат со ајкули или луѓето што држат тарантули. Мојата среќа во случајов беше што отидов таму како дел од „Утрински брифинг“, а ние имавме слободна уредувачка политика. Бевме мал, но квалитетен тим кој се залага и работи според новинарските стандарди, па можам да кажам дека никогаш не сме имале несогласување по тоа прашање. Секое утро репортирав во живо, а потоа правев долги репортажи кои во целост беа објавувани. Не се случило некој да ми пререче за објавеното и за тоа сум им бескрајно благодарна на Ордановски и на тимот кој беше моја логистичка поддршка од овде. Тој „луксуз“, за жал, го немаат сите репортери на терен - истакнува нашата соговорничка.



Кога војната ќе заврши, историјата ги претвора сите случувања во бројки

На прашањето зошто е важно да видиме што сѐ поминува низ објективот на воениот фоторепортер, таа вели:

- Сметам дека е многу важно светот да ја види реалната слика од терен. Кога војната ќе заврши, историјата ги претвора сите случувања во бројки. Ваквите сведоштва не само што треба да ја подигнат свеста за тоа што правиме како човештво и за тоа колку сме деструктивни, туку треба и да останат да сведочат како потсетник дека секој еден залудно изгубен човечки живот не е само бројка. Она што, исто така, сметам дека е важно за нас е почетокот на кршењето на апсолутната зависност на македонските медиуми од странските новински агенции. Во сите други држави секторот воено новинарство постои, а медиумите испраќаат свои очи и уши на терен, не го копираат испратеното од новинските агенции. За жал, медиумите овде сѐ уште не разбираат дека присуството на терен ја дефинира нивната релевантност. Нема релевантност во прераскажување на прераскажаното. Генерално, мојата мисија беше да им се приклучам на репортерите кои ја работат, според мене, најблагородната работа, да му ја покажат на светот реалноста на најзагрозените и на тој начин да помогнат во нејзината промена. Лично за себе, мисијата ми беше да си докажам дека можам добро да си ја сработам работата, дури и кога ги имам притисокот и обврската да си го спасувам животот. И, секако, една од најважните пораки кои верувам дека ги испратив е онаа дека ништо не е невозможно. На еден форум, група студенти ми го поставија прашањето дали вредеше и дали вреди да се оди тој пат кога сѐ е конструирано да те блокира. Тој одговор секогаш ќе ми биде ист. И тоа како вреди. Сѐ што се работи од порив, со многу љубов, вреди за пожртвуваноста. Се надевам дека македонските медиуми еден ден ќе ја сфатат пораката дека од нас зависи нашата медиумска состојба и дека ние имаме моќ да ги менуваме состојбите кои нѐ поразуваат како општество - завршува Атовска.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема