X
 10.10.2023 Наука

Прераното будење не е здраво - притиснете го копчето за одложување на алармот

Кога алармот ѕвони во 6 часот наутро и ние посегнуваме по телефонот за да го исклучиме, не се чувствуваме како да ја имаме формулата за животен успех во нашите раце. Всушност, прераното „директорско“ будење не е добро за нас.

На многумина ќе им олесни кога ќе откријат дека ново истражување посочува дека постојат вистински здравствени придобивки од спиењето до 7 часот наутро. Будењето кога е светло надвор, вежбањето наутро, сето тоа звучи премногу разумно за да биде вистинито. Но, според истражувањето неодамна објавено во списанието „Обесити“, вежбањето помеѓу 7 и 9 часот наутро е клучот за да останете во форма.

„Совршената временска рамка“ за утринско вежбање конечно би можела да ја уништи доминацијата на екстремистите, клубот на извршни директори ранобудци и други кои се обидуваат да се движат, да медитираат, вежбаат и генерално да се преправаат дека се бесмртни.

Голем број директори, био-хакери и „лидери на мислата“ стануваат во 4 часот наутро. Во клубот се Џејми Дајмон од „Џеј-пи Морган“, Тим Кук од „Епл“ и Мишел Обама.

Од друга страна, водителот на поткаст и професор на Универзитетот „Стенфорд“, Ендрју Хуберман, се буди во релативно разумно време за влијателен човек: помеѓу 5:30 и 6:30 часот. А понекогаш, ако не се чувствува доволно одморен, останува в кревет за да направи некоја јога-вежба.

Друго истражување покажа дека станувањето рано наутро ги прави луѓето неморални. Истражувањето од 2014 година сумирано во „Харвард бизнис ривју“ беше објавено под интересен наслов: „Утринските луѓе се однесуваат помалку етички навечер“.

Тоа покажува дека овие луѓе природно (или можеби неприродно) стануваат сè понеетички во донесувањето одлуки како што одминува денот.

Постои уште една скриена опасност од будењето во 4 часот наутро - недоволно сон. Тоа нема врска со протеинските шејкови и раното утринско изложување на сонце - прераното започнување на денот ни го одзема она што ни дава најмногу здравствени придобивки и острина на работното место - сонот.

Едно истражување покажа дека ограничувањето на спиењето од 4 до 6 часа навечер за една група во текот на 14 дена предизвикува значителни дефицити во когнитивните перформанси во сите задачи. Друг истражувачки проект откри долгорочно оштетување на меморијата поради недостиг на сон.

Извор: Bizlife.rs
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука